Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Евентуални пропусти во лекувањето на 32-годишен пациент, кој почина во Општата болница Куманово, ќе се утврдат по истрага на Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ) и експертски тим од Министерството за здравство (МЗ).
Министерот за здравство, Арбен Таравари, изјави дека тим од Министерството ќе ги разгледа сите факти.
„Од утрово е потпишано решение Државната санитарна инспекција да изврши увид, се надевам дека веќе се таму. По еден или два часа ќе пристигне и професионалната екипа од Министерството за здравство за да ги анализира сите детали. Ќе ве информираме за наодите. Доколку се утврди лекарски пропуст, сигурно ќе има одговорност“, истакна министерот Таравари.
Тој нагласи дека за случајот бил известен уште вчера, но посочи дека анафилактички шок може да се случи во секое време и насекаде, а во одредени случаи може да заврши со смрт на пациентот.
Надлежните од Општата болница Куманово одржаа состанок и истакнаа дека ќе соработуваат со комисиите од ДЗСИ и МЗ.
„Целата медицинска документација ќе биде предадена на комисијата за стручен надзор, формирана од Министерството за здравство. Земени се изјави од медицинскиот персонал и лекарите кои го третирале пациентот. Истрагата треба да покаже дали станува збор за пропуст или нешто друго“, информираше директорот на болницата, д-р специјалист Стефан Трајановски.
В.А. (32) од Куманово вчера ненадејно починал во дневната болница на Хируршкото одделение во Кумановската болница, откако примил терапија поради болки во стомакот. Увид на местото извршиле полицијата и јавен обвинител, а телото на починатиот е предадено на обдукција за утврдување на причините за смртта.
Семејството на починатиот тврди дека тој починал поради лекарска грешка, бидејќи му била дадена инфузија со лек на кој бил алергичен.