Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Свечена академија по повод 70 години од загинувањето на народниот херој Христијан Тодоровски Карпош се оддржа во МКЦ“Козјак“.
На свечната академија присуствуваа членови од семејството на Карпош, градоначалници, борци од Свети Николе, Крива Паланка, Пробиштип, Врање, голем број почитувачи на ликот и делото на Карпош и други.
Пред присутните се обрати градоначалникот Зоран Дамјановски кој истакна дека Куманово е доказ за антифашистичкиот капацитет на македонскиот народ и желбата за самостојност.
Овие луѓе успејаа во тоа време во антифашистичката борба да покажат дрскост, гордост, да се спротивстават на една голема воена сила во тоа време, светска. Има моменти во историјата на македонскиот народ каде еден голем дел од историјата се става на друга страна, меѓутоа овие работи кои се случуваа во минатото беа светли точки во македонската историја, а Куманово ќе биде забележан со 7 жртви херои - рече Дамјановски.
Спирко Зафировски од Сојузот на борци Куманово порача граѓаните да ги чуваат спомениците од НОБ.
- Иако малку останавме, она што го имаме вреди. Никогаш да не ги заборавите спомениците бидејќи тие потсетуваат за тешкиот пат кој го поминавме со многу жртви до конечна слобода и формирање на сопствена држава Република Македонија. Чувајте ја Македонија, да живее Македонија - вели Зафировски.
Државата да не дозволи вандали да ги уништуваат спомениците од НОБ како и да побара одговорност за загинатите осумдесетина бранители, од кои шест кумановци од 2001 година, побара Драган Стојмановски од Здружение на армиски и полициски ветерани.
Животите ги загубија наидувајќи на заседи поставени од непријателот. Ова докажува дека во раководењето и командувањето имало пропусти. Да се бара командна , па и кривична одговорност. Дел од тие команданти беа поставени на повисоки позиции и унапредени во генерали, потоа поминаа во политиката и дипломатијата - кажа Стојмановски.
На манифестацијата се говореше за биографијата на Карпош, роден на 3 септември 1921 година во Куманово како последна рожба во семејството, а загинат на 7 февруари во с.Билјача во Србија.
Потоа беше прикажан документарен филм за Карпош.
Настанот го организираше локалната самоуправа, Сојузот на борци Куманово и Здружение на армиски и полициски ветерани.