Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Пензиониран католички свештеник заглави во Куманово, откако со своето магаре, пред седум месеци, тргнал пеш од Франција за Израел, за да се поклони на местото на Христовото раѓање.
Лулу Конверсе (75) од Безонсон веќе шест дена живее во шатор во кумановската населба Карпош, и не може да го продолжи своето патешествие до Ерусалим, затоа што е есен и магарето Исидор нема што да јаде. Тој во Македонија влегол на граничниот премин Пелинце минатиот вторник и, откако ден-два поминал во некое од козјачките села, пристигнал до Куманово. Тука одлучил да побара помош од жителите во населбата Карпош, кога магарето му премалело од глад , бидејќи по пат немало трева. Поради тоа што свештеникот го зборува само францускиот јазик, комуникацијата со луѓето му оди многу тешко.
Кај мене во продавницата го доведе едно момче што го сретнало на патот. Не го разбиравме што ни зборува, но свативме дека е од Франција. Поради магарето, околу него се насобраа малските деца и го одведоа во училиштето кај професорката по француски јазик, за да видиме што сака. Тој и објасни како стигнал до тука и сега таа му помага да се снајде. Живее и спие во шатор во една недоправена куќа и купува во продавницата. Жал ни е за човекот, па му помагаме сите колку можеме, му вариме чај и супа за да се стопли и му даваме храна - вели сопственичка на продавница.
Откако го прекинал патувањето, сега Конверсе сака да го згрижи магарето во Македонија, и тој да замине кај негови пријатели во Србија, а на пролет да го продолжи патувањето кон Израел. Патешествието од Франција го започнал уште на 25 март, денот кога Дева Марија ја прашале дали сака да биде мајка на божјиот син, досега пешки поминал околу 3000 километри низ Германија, Швајцарија, Австрија, Словачка, Унгарија и Србија, а симболично сакал да стигне во Витлием на 25 декемви на денот на Христовото раѓање за католички Божиќ.
Со моето патување сакам да го изразам мојот протест против најголемото зло на човештвото, а тоа е нуклеарното вооружување во светот и во Франција, како и мојот револт што има сиромашни и гладни деца. Мојот пријател Исидор има 15 години и не го јавам, туку заедно одиме и ми прави друштво во патувањето, го носи шаторот, облеката и тоа што ни е неопходно за живот. Многу се грижам за него бидејќи остана без храна. Ќе чекаме да порасне тревата па ќе го продолжиме нашиот пат - вели Конверсе.
Поранешниот свештеник е воодушевен од срдечноста и гостопримството на Македонците. Тој не може да верува дека луѓето кои првпат го гледаат во животот толку многу се трудат да му помагаат, и покрај тоа што е странец. Најмногу од сите професорката по француски јазик, која не сака да се експонира.
Многу сум благодарен на сите луѓе. Ми дозволија да престојувам на овој имот и секојдневно ми носат храна и ми помагаат за Исидор и да комуницирам со моите пријатели во Франција. Штета што неможат сите да разберат што им го зборувам- вели Конверсе.
Овој свештеник над три децении се занимавал со хуманитарна работа и за правата на децата, како и во проекти за забрана на призводство на атомско оружје, за намалување на сиромашните во светот и заштита на животната средина.
Исидор ќе презими во Етно село
Магарето Исидор најверојатни ќе презими во комплексот Етно село, а напролет ќе го продолжи патот со Лулу Конверсе за Израел. Тој вчера се сретнал со газдата на Етно село и се договориле магарето да се смести во тамошната Золошка градина. Во текот на денот Конверсе го однел Исидор на сигурно и во топло.
(превземено од Вест)