Светски раритети во музејските витрини на Куманово - Златен прстен со натпис од Лопате
Во претходниот текст зборувавме за еден ексклузивен наод од римскиот период кој може да се види во кумановскиот музеј – стаклен сад од типот „сад во сад“, кој потекнува од римските гробишта во Дрезга, с. Лопате.
Во овој текст, повторно се фокусираме кон овој локалитет, но кон еден друг наод, кој го покажува високиот статус на тоа население во римското општество на Балканскиот Полуостров. Имено, во истражувањата од 1979 г., во гробот бр. 6, кој претставува гробница од големи масивни плочи поврзани со малтер и поплочено дно, пронајден е скелет за кој се претпоставува дека е женски (според прилозите). Како прилог (сл.1), на погребената индивидуа биле оставени: еден глазиран сад со две рачки, еден ѓердан со златни синџирчиња во форма на бр.8, поврзани со смарагдни камења, полжавчиња и сини монисти, 8 монети (на императорите Максимин, Ликиниј и Константин Велики), повеќе стаклени садови најдени во фрагменти, и еден златен прстен.

Токму овој прстен е интересен и значаен по својата уникатност и како таков ќе биде разгледан тука.
Имено, се работи за златен прстен (сл.2), украсен со гранулација, и глава со овална форма, во која има ставено непроѕирна, темна, тиркизна гема со грчки текст. Текстот е јасно читлив и пишува Силвани Николаис.

И ова не би биле толку важно, ако баш тоа име, не се среќава на уште неколку места, кои всушност се познати градски локации, едни од најразвиените градови во тоа време.
Во мегалополисот Солун (Тесалоники), во палатата на Галериј, е пронајден вотивен олтар со натпис кој потекнувал од Верија, посветен на Силванос Николаос, со титула конзул.
Семејството Силван било мошне познато и респектирано во 3 век во римска Македонија, и продуцирало високи чиновници – тројца со титула македонијарх и еден конзул. Во Солун е откриен уште еден натпис од ова семејство, во кој е споменат македонијарх Силван Келер, син на Силван Николаос постариот - македонијарх и прв човек во провинцијата. Во Верија пак, откриен е натпис на ќерката на Силван Келер – Септимија, во кој повторно е нагласена титулата на нејзиниот татко – македонијарх. Но, семејството Силван, очигледно дека се движело и на север. Имено, во селото Чепигово кај Прилеп, античка Стибера, откриен е натпис од база за статуа на синот на Силван Келер, со име Никомах. Споменикот му го подигнал градот, а пари донирале татко му и мајка му, која се викала Лукија Аурелија Требонија, со титула првосвештеничка. Интересно, поради важноста на семејството, на натписот се споменати и дедо му Силванос Николаос (постариот) со титула „прв човек во провинцијата“, чичо му Силванос Николаос (помладиот) со највисоката титула – конзул, и другиот чичко, исто така македонијарх, со име Клаудијан. Во Стоби, пак, со истражувањата во 2024 год., според соопштувањата во медиумите, е откриен уште еден секундарно вѕидан натпис во ѕид од 6ти век, кој потекнува од 3 век и повторно е од некоја посвета на Силван Николаос постариот – според истражувачот Павловски, и тука е со титула македонијарх и прв човек во провинцијата. И не само тоа, семејството Силван си имало свое место за седење во театарот во Стоби – во третиот ред на седиштата стои врежан натписот „За Силван“, односно резервирано место за седење во првите редови од театарот.
Не е точно дефинирана функцијата македонијарх, којашто, дури тројца членови од семејството ја извршувале, но се знае дека се работи за престижна титула резервирана за македонските благородници, честопати и наследна, како што е и во случајот на Силваните. Секако, од нив најмногу напредувал Силванос Николаос помладиот кој ја извршувал најпрестижната функција конзул. Но како и да е, сите овие натписи потекнуваат од 3 век. Прстенот пронајден во гробот е датиран прецизно според монетите,во почетокот на втората четвртина на 4 век. И, според истражувачот Петрова, се работи за женски гроб.
Оттука, можеме да претпоставиме дека во гробот била погребана жена која потекнува од ова славно македонско семејство, и успеала да го сочува, а потоа и по нејзина желба да се погреба со најдрагоцениот предмет за неа - прстенот кој сведочел за нејзиното славно потекло, со врежаното име на најзначајниот претставник од семејството - Силванос Николаос.
Дејан Ѓорѓиевски, археолог, НУ Музеј Куманово