Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Жителите на село Режановце денеска протестираа и не дозволија камионите кои работат на изградба на пругата кон Бугарија, да поминуваат низ нивното село бидејќи им го оштетуваат патот.
Велат дека патот кој е изграден со самопридонес е раскопан и испукан од движењето на камионите, а нарушена е стабилноста и на мовчето во селото каде поминуваат возила, но и мали деца. Бараат од Министерството за транспорт и врски, Македонски железници , како и фирмите “Вибе“ и подизведувачот „Анра“ да го решат проблемот и да ја санираат штетата која ја предизвикале.
Нешто ако си го срушил треба да го направиш, а не пруга правиме, а две растураме. Така излезе ова. Дали сме ние луѓе или не сме јас не знам веќе кај да се обратиме. Ова е едно предупредување, а последно ќе напишеме писмо до полиција, Министерство за транспорт и врски и железници да не го користат нашиот пат. Нас никој не не поддржува, немаме поддршка ни од општина, ни од Влада - вели Зоран Крстевски, претседател на месна заедница Режановце.
И другите жители се револтирани, бидејќи не само патот, туку од движењето на камионите пукаат и фасадите на куќите во близина.
Мовчето во селото е пробиено, скршено, а патот е насочен на една страна само. Кривина е многу лоша и ќе дојде до некои несакани работи. Што е најважно ова е наш придонес, селски, а никој не ни помогнал и сега бараме да ни помогнат, но не сакаат - рече Томислав Илиевски, жител на селото.
Мештаните доколку не добијат одговор од надлежните, утре повторно ќе го блокираат патот и нема да дозволат камиони да поминуваат низ селото.