Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Најпознатите староградски кривопаланечки песни ќе бидат запишани во збирка која ја подготви младиот Филип Додевски од Крива Паланка, по повод 50-годишниот јубилеј на КУЗ „Распеани Паланчани“.
Филип има само 21 година, а веќе неколку години е дел на оркестарот на староградското друштво каде свири на класична гитара. Вели дека за староградскиот мелос го врзуваат најраните спомени од детството и автентичноста на стиховите и музиката инспирирани од локалната средина.
„За мене е од особено значење што кривопаланечката староградска песна зборува за нашето минато, градските случувања, за луѓето кои оставиле белег во градот. Преку нив може да се долови некогашната градска калдрма, староградските песни, серенадите, карактерот на луѓето“, вели Филип.
Поврзаноста со корените го поттикнала да направи траен запис на најпознатите песни кои со години ги пеат „Распеани Паланчани“, а ги знаат и сакаат сите граѓани. Во збирката ќе бидат сместени 16 староградски песни, со текст и нотен запис, како и фотографии.
„Мотивот ми е да се забележи не само историјата и традицијата, туку и основачите на друштвото и омилените песни на кривопаланчани. Да не падне во заборав ова наследство, туку да остане запишано за идните генерации, да не ја запорават и да ја негуваат кривопаланечката традиција“, истакнува Филип.
КУЗ„Распеани Паланчани“ се формирани во 1973 година. Низ друштвото досега поминале бројни членови, а последните години во него членуваат и млади генерации. Тие ја претставувале и ја претставуваат кривопаланечката песна на бројни фестивали во земјава и ширум светот.