Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Една од двете коловозни ленти на булеварот „Трета МУБ„, постојано е зафатена со паркирани возила.
Ова безобразно узурпирање на сообраќајницата најизразено е во доградениот дел, поточно од раскрсницата со Октомвриска револуција до Школска амбуланта во двете насоки, покрај Зелениот пазар, но и на многу други локации.
Откако го изградија овој дел од булеварот овде е хаос. Ги оставаат возила каде ќе им текне, па после нема каде да се помине. Повеќето жители од куќите и зградите ги паркираат возилата на улица. Џабе ја прошириа улицата, кога повторно се вози само по една лента- вели една револтирана жена.
Граѓаните бараат оваа појава да се искорени, а сообраќајната полиција и пајак службата да бидат поажурни и да ги собираат возилата оставени на улица и тротоар, а не да поминуваат покрај нив како да не постојат.
Постојано има автомобили кои стојат на улицата и на тротоар. Луѓето ги оставаат возилата пред зграда каде што живеат или пред своето работно место. Нормално дека ми пречи, ама никој не презема ништо да се реши тој проблем во Куманово. Еднаш реагирав и пријавив на полицаец, а тој ми одговори дека ноќе ги снимаат возилата и потоа врз основа на регистрација ги казнуваат возачите, а не знам дали тоа навистина е така - вели Соња Трајковска, граѓанин.
Од ЈП “Куманово - паркинг“ ги советуваат граѓаните доколку пред нивната зграда или влез на куќа има возила кои се непрописно паркирани, да се јават во полиција на 192, да ја кажат адресата и регистрацијата на автомобилот и пајак возилото ќе дојде за 15 минути.