×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Три деца од Куманово се заразени со голема кашлица, две се хоспитализирани

    09.02.2024 09:18 | KumanovoNews

    Три деца од Куманово се заразени од пертусис - голема кашлица, потврдуваат од Центарот за јавно здравје во Куманово. Децата се на возраст од четири години, 18 и 13 месеци.

    Три деца од Куманово се заразени со голема кашлица, две се хоспитализирани

    Од Одделот за вакцинасија во Куманово потврдуваат дека опфатот со имунизација против голема кашлица не е на задоволително ниво. Куманово, заедно со Струмица, има најмал процент на вакцинирани деца во државата. (фото: Kумановоњуз)

    „Едното дете е од градот, а две се братчиња од кумановска населба. Сите се лабораториски потврдени. 18 - месечно дете е пријавено од приватна клиника од Скопје, за 13- месечното од Институтот за белодробни заболувања во Козле, а најстарото е пријавено од матичен лекар и е на домашно лекување. Сите деца се во изолација и се следат протоколите за заштита од заразни болести. Направена е комуникација со нивните семејства и контактите, по што се преземени сите мерки од наша страна“, вели д-р Едита Рамизи, епидемиолог во Центарот за јавно здравје Куманово. 

    Докторката потврдува дека во сите три случаи децата се невакцинирани, и апелира до родителите да не ја избегнуваат имунизацијата на децата, бидејќи тоа е единствената заштита да не дојде до компликации.

    Од Здравствениот дом Куманово, Одделот за вакцинасија потврдуваат дека опфатот со вакцинација против голема кашлица не е на задоволително ниво. Куманово, заедно со Струмица, има најмал процент на вакцинирани деца во државата.

    „Ги следевме случувањата и порастот на бројот на заразени со пертусис, а последните податоци се навистина загрижувачки. Во последните два дена преземаме интензивни мерки за алармирање и контактирање со родителите и старателите на невакцинирани деца, веќе се зголемува одѕивот и имаме зголемување на број на деца кои се вакцинираат. Оние родители кои не можеме да ги добиеме на оставените телефонски броеви се обидуваме да ги контактираме преку патронажната служба, колегите ја преземаа таа обврска за што поголем опфат. Се надевам дека она што го преземаме ќе вроди со плод, ќе ја зголемиме вакцинацијата а со тоа и заштитата на населението“, истакнува д-р Валентина Богоевска, педијатар, началник на Одделението за вакцинација во Куманово.

    Од следната недела вакциналниот пункт во Здравствен дом Куманово ќе започне да работи во две смени до 19 часот навечер, за да услугата биде достапна и на вработените родители.  Дел од родителите доаѓаат само заради проверка во вакциналните картони, за да бидат сигурни дека се вакцинирани и заштитени.

    Опфатот на вакцинирани деца во Општина Куманово е некаде околу 70 отсто, а за целосна заштита потребно е процентот да е над 90 насто. 

    Децата кои се заразени не оделе во градинка. Од градинката „Ангел Шајче“ велат дека кај нив не можат да се запишат деца без вакцинален картон.

    „Тоа е правило од кое не се отстапува, пред склучување на договор родителите мора да обезбедат брис од грло и нос, копрокултура, биохемиска анализа на крв и урина и задолжителен вакцинален картон со примена Ди Те Пер вакцина. Имаме и мал процент на дечиња кои со лекарска потврда не смеат да бидат подложени на вакцинација од здравствени причини, но тоа е во склад со статистиката на здравствените работници“, истакна директорката Марина Алексовска.

    Голема кашлица или пертусис е бактериска инфекција која брзо се шири, исто како што се шири обичната настинка или грипот, а се пренесува преку секрет од кивање или кашлање, односно по капков пат. Бидејќи е бактериска инфекција потешка е за третирање, особено кај малите бебиња кои немаат изграден имунитет.

    Комисијата за заразни болести даде препорака за прогласување на епидемија на голема кашлица во Скопје, напоменувајќи дека на територијата на државата има 22 потврдени случаи, од кои 14 во Скопје и 4 во внатрешноста, а три се од Куманово.