Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
„Правата на жените се човекови права- секој има право на живот, како човечко битие. Женските права се елементарни човекови права“, истакна советничката Атина Мургашанска на трибината посветена на семејното и родово базирано насилство, која синоќа се одржа во зградата на Комитет во Куманово.
Со трибината „Стоп за родово базираното насилство“ советничката група на СДСМ и коалицијата во Советот на Општина Куманово се приклучи на глобалната кампања „16 дена активизам во борба против родово базирано насилство“.
И покрај тоа што со години наназад се спроведува ова кампања, што голем број земји се потписнички на Истамбулската конвенција, донесена 2011 година, бројките ја покажуваат реалната состојба.
„Во светот на секои 10 минути една жена е убиена во својот дом, се случува фемицид, најчесто од некој близок- интимен партнер или член на семејството, сопруг, татко, свекор, дедо. Отприлика стотина во еден ден, а глобално во 2023 година се убиени 51.700 жени, не зборуваме за претепани или злоставувани, туку убиени во сопствениот дом. Некогаш се случуваат во афективна состојба, но најчесто се резултат на долгогодишни нарушени односи или семејно насилство“, објасни Мургашанска.
Според она што е познато не се работи за необразовани, семејства во социјален ризик, туку често станува збор и за насилници кои се успешни и моќни луѓе од политиката, јавниот живот и бизнис секторот.
Виолета Богдановска, поранешна началничка на Секторот за превенција на СВР Куманово, која беше гостинка на трибината, нагласи дека законската рамка во Македонија е во согласност со светската регулатива, а она што се применува во развиените земји се имплементира и кај нас. Потенцираше дека има голема разлика во одговорот и реагирање на полициските службеници во пријави за семејно насилство, за разлика од порано. Но, потсети и дека постојат случаи кога сака да се искриви вистината и да се изманипулираат органите на прогонот.
„Во два одвоени случаи сопрузите биле тие кои пријавиле насилство, сметајќи дека полицијата ќе постапува по пријавата на оној кој прв се јавил. Подоцна истрагата покажала што навистина се случило, по што добиле и признание дека единствен мотив им бил да ја затскријат вистината. Ниту жртвите не се амнестирани од одговорност, кога најчесто ги повлекуваат пријавите со изговор „ама јас го сакам, не знаете вие како е тоа“, кажа Богдановска.
На трибината свое видување дадоа и советничката Александра Лазаревска и Марија Димитријевска, кои зборуваа за економското насилство и искуствата на Центарот за вработување со програми и мерки со кои им излегуваат во пресрет токму на жените, жртви на семејно насилство, а се наметна и темата за интернет насилство и насилство кое се спроведува на социјалните мрежи.
Генерален заклучок беше дека најчесто насилството потекнува од семејството, дека треба перманентно да се водат кампањи за подигање на јавната свест. Посебно да се обрне внимание во образовните предучилишни и училишни институции на темата и препознавање на децата кои живеат во насилна средина, а подоцна во животот го усвојуваат начинот на однесување на своите родители.
Годинава ова беше единствена ваква трибина во Куманово. Ниту една друга институција, установа, организација, здружение или политичка партија не организираа трибина во борбата против насилство врз жените и родово базирано насилство.