ВМРО-ДПМНЕ стартува со акцијата „Твојата идеја ќе победи“
Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Куманово од утре започнува со теренски активности и средби со граѓаните, со цел собирање предлози и идеи што ќе бидат вклучени во партиската програма за претстојните локални избори.

Под симболичното мото „Твојата идеја ќе победи“, од 18 до 20 часот ќе бидат поставени пунктови во населбите: Доброшане, Вера Которка, во Иго Тричковиќ кај маркетот и чешмата, како и кај Ургентниот центар.
„Идејата е да се слушне гласот на граѓаните – нивните конструктивни предлози кои ќе се искористат за подготовка на нашата програма за локалните избори во Куманово. Сакаме да ги чуеме нивните идеи и забелешки, бидејќи во работењето секогаш има пропусти и недоречености што можат да се поправат, бидејќи секогаш има простор за подобро. Не сакаме сами да одлучуваме, иако имаме начелни идеи кои не водат, туку чувствуваме потреба да ги вклучиме граѓаните. Затоа ги повикувам активно да го дадат својот придонес, кој би бил од корист во овој процес. Граѓаните секогаш имаат што да кажат, но најдобро е тоа да се направи навреме и на право место“, изјави Владимир Михајловски, потпретседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ Куманово, кој додаде дека особено има простор за работа во делот на урбанизмот и екологијата.
Тој најави дека во наредните десетина дена граѓаните ќе бидат информирани и за нови локации каде ќе можат да ги достават своите идеи.
Иако неофицијално се споменува како можен носител на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ, Михајловски денеска не ја потврди информацијата, туку кажа дека тоа ќе биде соопштено на официјалната промоција.