×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Убавината на Старо Куманово како занаетчиски град исполнет со слога и другарство

    07.12.2019 10:45 | KumanovoNews

    Куманово во минатото, како што покажуваат податоците бил релативно сиромашен град кој опстојувал од земјоделство и занаетчиство, но бил град на слога и другарство каде се славело кога некој занаетчија ќе заработел повеќе пари, па сите заедно се собирале во неговиот дуќан за да прослават.

    Убавината на Старо Куманово како занаетчиски град исполнет со слога и другарство

    Според податоците на познатиот револуционер и публицист Ѓорѓе Петров во книгата „Материјали за изучување на Македонија“, објавена 1896 година, има податоци дека Куманово, во тоа време, имало 2.100 куќи со вкупно 14.534 жители и веќе станало трговски центар. Куманово полека но сигурно станал град познат по својот пазар богат со добиток и волна, а потоа и со жито, афијонска кал и семе. Градот станал центар каде за да се купи стока се доаѓало дури од Грција, Бугарија, Прешево, Бујановац, Гилане, Врање, Крива Паланка, Кратово, Скопје, Калиќник и много други градови.

    На кумановскиот пазар годишно се продавале по 100.000 коњи, магариња и волови, а по 300.000 овци и кози. Воловите и коњите купени на кумановскиот пазар завршувале дури и до Египет и Тесалија. Напоредно во Куманово се развивало и производството на жито, афион, тутун, а исто така дошло до развивање и на кожарството. Во 1876 година Куманово имало 253 трговски и занаетчиски дуќани, 34 магази за складирање и продавање на жито и 33 анови, а десет години подоцна се евидентирани 388 трговски и занаетчиски дуќани во градот. Српскиот историчар и етнолог Јован Хаџи Василјевиќ истакнал дека, Куманово е навистина центар на трговијата и занаетчиството кој има 2.300 приземни, еднокатни и двокатни куќи, а 15.000 жители.

    Еден од најстарите занаети во Куманово е ќурчинскиот. Бидејќи многу брзо станал еден од најпознатите занаети, во центарот на градот била изградена Ќурќијаната. Првиот ќурчиски дуќан бил отворен 1830 година, а првиот мајстор бил Аџи Стоилко Деспотовски кој занаетот го научил во Велес. Па така од 1920 година до 1962 година во Кумановската општина се регистрирани 133 ќурчиски дуќани. Меѓутоа, поголемиот дел биле распределени во селата каде имало 107 и во градот имало 26 дуќани. Меѓутоа, со текот на времето и овој занает изумира, а веќе не постојат мајстори кои знаат да изработуваат кожуви, кожувчиња и елеци.

    Сепак, брзиот развој на ќурчијанскиот занает се должи и на големиот број на овци кои се одгледувале на пасишта низ цела Македонија. Кумановските семејства Овчарпеткови, Чавдарци и Стојанќехајови чувале од 300 до 1000 кози. Додека пак, на кумановскиот пазар се продавале по 300.000 овци. Според зборовите на Ќиро Алексовски, огромна посетеност на пазарот имало и за време на свадбите,  младоженците воопшто не се штеделе затоа што, како што вели занаетчијата, привилегија било да се има жена, а посебно во планинските предели каде речиси и да немало девојка.

    Според податоците од постарите луѓе тоа било време на слога и другарство каде не се гледало кој заработил повеќе од завист, туку сите заедно оделе кај дуќанот ој најмногу заработел  и се частеле меѓусебно. Додека пак за учениците да станат мајстори својот занает го изучувале пет години, каде три учеле, а две биле калфи. Па така откако пред мајсторите ќе изработеле одредена кожа и ќе биле оценети со големи оценки ќе можеле да отворат свој дуќан. Ќурчиите и другите занаетчии имале своја слава, а таа била Свети Илија. На 2 Август сите ќурчии заедно се собирале и оделе во црква за да сечат колач, а потоа заедно со нивното знаме се движеле по  улиците и утредента организирале излет најчесто во манастирот „Матејче“ Студена вода и на други излетнички места.

    Исто така во турското време цветал и абаџискиот занает каде од клашни и чоја се шиеле чекшири, елеци, кушлјаци, палта и друга тогашна облека. Клашните најчесто биле изработувани од страна на жени. А парчињата кои поминувале низ рацете на кумановските жени се продавале низ целиот Балкан и Мала Азија.  

    Како резултат на голем број на коњи и магариња кои се одгледувале во Куманово се развил и самарџискиот занает, а старите мајстори самарџии-биле: Трајко Крстевски, Мијаиле Петков, Цветко Георгиевски, Јован Стојнов, Наско Јанковски, Пешо Миленков, Пешо Крстве , Илија Цветков и други. Додека пак помеѓу Двете Светски Војни е развиен и пајтонскиот занает, а пајтонот станл главно превозно средство кое подоцна ќе биде заменето од моторното возило. Денес пајтонот се користи само како туристичка атракција. Првиот пајтон со гуми го набавил пајтонџијата Витко Трајковски. Меѓутоа, меѓу пајтонџиите најинтересен бил Панче Томовски кој имал слаби и неухранети коњи, па луѓето на негова сметка правеле шеги велејќи „Дојде Панче Експрес“. Имено и пајтонџиите имале своја слава Света Тодорица каде пајтонџиите за никакви пари не ги прегнувале коњите.

    Исто така меѓу занаетите бил познат и калајџискиот занает, а калајџиите биле особено вреднувани затоа што пред сите важни настани тие биле задолжени да ги калаисуваат садовите за домаќинства. Па така тие биле срдечно пречекувани во домовите за луѓето за кои работеле, биле угостувани и таму престојувале и со денови.

    Во Кумановската чаршија некогаш биле познати и тенекиџии кои изработувале корита, кофи, ташчиња, фенсери и други ситници. Во турско време тие биле сконцентирани на Одун-пазар, а имало регистирано 18 тенекиџиски дуќани.

    Но, исто така бидејќи во минатото ги немало модерните средства за бричење, берберите биле на цена. Од берберството се живеело добро, а за да се истакне дека некој дуќан е берберница пред него се ставале легени за миење. Сепак берберниците станале и место каде берберите се забавувале, каде пееле, пиеле а подоцна и почнале да играат табла и шах, а бричењето главно било во нехигиенски услови бидејќи берберите немале многу крпи за менување.

    Воедно и опинчарите имале многу работа затоа што во тоа време селското население било побројно од градското и речиси секој носел опинци. Во 1945 година се регистирани 14 дуќани, а веќе во 1980 само три. Како најстар опинчар е евидентиран Јован – Ване Кучкаревски. Опинчарското сокаче било близу до центарот на градот до Тумба, а опинци и јажарски производи се користеле многу.

    Од најпознатите шивачи биле: Стојан Гелевски и Дане Јовановски, потоа Милош Димовски и Доце Крстевски. Меѓу шивачите имало и терезии, а прочуени биле Орде и Милан Димковски-Ајрови.

    Прв човек кој поправал велосипеди бил оџата Фемии Аџиисмаили кој својот дуќан го отворил во 1918 година. Подоцна почнало и да се издаваат велосипеди, кои биле наплаќани за возење од еден час.

    Во чаршијата на Куманово имало и други занаети како што се: крпачи на чевли, ковачи, колари, албати, столари, молери, рогозинари и други.

    (Извор: Старо Куманово од новинарот Петар Трајковски)