×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Умин Дол - село на слога, почит и заедништво на различни култури (видео)

    18.02.2022 07:37 | Сузана Николиќ

    Жителите на кумановското село Умин Дол пославуваат еден век постоење, развој и соживот во кој заеднички поминале тешки години, но и убави моменти и спомени, кои се врежани во колективната меморија на локалната заедница. Тие ги делат сеќавањата на своите претци кои во 20-тите години од минатиот век се населиле на голата ледина и сложно ја граделе населбата, ги орале и засејувале нивите, отворале училишта, израснале потомци, кои низ годините станале значајни дејци во општеството.

    Населбата ја основале доселеници од сите краишта на поранешна Југославија. Главно биле сиромашни семејства, кои започнале нов живот на уминдолската утрина.

    „Најмногу имало Личани, околу 40 отсто, потоа Црнoгорци, Босанци, Херцеговци, Далматинци, но и доселеници од Страцин, Врање, Трговиште. Сите гледале да се прилагодат едни со други, многу се почитувале и си помагале. Во Умин Дол се живеело добро и сложно, вели Миќа Поповиќ.

    Неговиот дедо Радован Поповиќ бил првиот доселеник, кој во Умин Дол дошол во април 1921 година, заедно со неговата сопруга и седумте деца. Со себе ја донеле и нивната дрвена брвнара, добитокот и шталата. Од државата добил 15 хектари земја, а докупил уште 6 ха и ова село денес е дом на неговите наследници.

    По примерот на Поповиќ и многу други доселеници со себе ги донеле типичните лички куќи во кои продолжиле да живеат. На времето ги имало околу 50, но подоцна почнале да прават нови домови. Денес е зачувана само една брвнара, сопственост на Васа Богдановиќ, која ја донел неговиот дедо од селото Оточац, во близина на Госпиќ. Во неа до ден денешен се е сочувано во оригинал.

    „Куќата е демонтирана и пренесена со воз, заедно со мебелот и покуќнината за што биле ангажирани 10 вагони. Стара е 110 години. Во неа семејството живеело 10 години во родниот крај и уште 100 години опстојува овде и уште ја користиме. Воедно, била и прва продавница и прво училиште“, вели Богдановиќ.

    Умин Дол е меѓу ретките села кои биле плански градени и урбанизирани, а секој доселеник добивал по 2.500 квадратни метри земја. Селото е препознатливо по широките и уредени улици, кои се сечат под прав агол. Непрегледната рамница и испресеченоста со улици и современи куќи предизвикуваат чувство дека се наоѓате во некое село во Војводина.

    Населбата го добила името по глината ума, со која е богато ова место. На 1,5 км има кањон во кој се наоѓала ума која жителите ја користеле како сапун, ги миеле косите,се бањале со неа, ги переле алиштата.

    Уминдолци живееле главно од земјоделство. Ја осовременувале обработката на земјиштето со нови алатки, подоцна почнале да употребуваат трактори и комбајни,била формирана Задругата „Слога“ и надалеку станале познати по производството на праз, кромид и лути пиперки. Тие се сушеле и со вагони се извезувале за Германија, Словенија и други земји.

    Од самото доаѓање на доселениците започнало и образованието на српски јазик. Наставата почнала во 1924 година и најпрвин се одвивала во приватни куќи, а во 1929 година било изградено сегашното училиште „Карпош“, во кое некогаш имало 104 ученици од 1-4 одделение.

    Дел од доселениците биле протерани за време на војната во 1941 година, но останатите продолжиле на уминдолската почва да го градат својот живот и да ги одгледуваат наследниците.

    Со придонес ја изградиле и селската црква „Св. Никола Летен“, отсекогаш ги почитувале и прифаќале различните култури, славејќи го животот во слога и заедништво.

    И покрај современите предивици, велат дека и денес живеат добро. Селото брои околу 100-тина куќи со околу 350 семејства. Имаат добра сообраќајна врска со Скопје и Куманово, сопствени бунари за вода. За решавање им останува изградбата на каализациска мрежа и градинка, како и нови перспективи за младите.

    Со цел да се задржи младата популација и да се создаде нова перпектива за развој на селото покрената е иницијатива за искористување на потенцијалите и инвестирање во руралниот туризам.

    „Имаме специфична архитектура, а на падините на Скопска Црна Гора се наоѓа и средновековниот манастир од 14 век. Имам услови за престој и релаксација во природа, планинарење, а низ селото минува и меѓународната вело рута. Тука е и производството на млеко и млечни производи, на органска храна. Сето тоа треба да го искористиме и да им понудиме на посетителите и туристите заокружена приказна, која ќе биде привлечна и за нашите млади да останат овде, да најдат егзистенција и да ја гледаат иднината во Умин Дол“, вели младата Роза Трајковиќ.

     

    Умин Дол - село на слога, почит и заедништво на различни култури (видео)