Управата за водење на матични книги потрошила 8,5 милиони евра за дигитализaција, процесот е завршен само до пола
Обвинителството ќе ги провери наодите на Државниот завод за ревизија(ДЗР), кој пред една недела утврдил дека биле вложени во Управата за водење матични книги влегле 8,5 милиони евра за дигитализација на матичните книги, а процесот уште не е завршен.

Не само што матичните податоци на граѓаните не се внесени електронски, туку дел од граѓаните добиваат изводи издадени на машина за пишување, вели ДЗР.
„Недостатокот на јасна стратегија, контролни механизми и квалификувани човечки ресурси го оневозможуваат подобрувањето на услугите за граѓаните и го зголемуваат ризикот од злоупотреби и губење на податоци од трајна вредност. Ваквиот степен на реализација не овозможува поедноставување и забрзување на услугите за граѓаните, ниту пак, доведува до подобрување на квалитетот на податоците што ги користат надлежните институции согласно своите законски надлежности“, стои во заклучоците на ревизорите.
Со цел забрзување на постапките за дигитализација на матичните книги, од 2018 до 2024, склучени се 288 договори за дело со 216 лица за „внесување на податоци во електронски матичен регистар во поголем обем“. Ревизорите утврдиле дека поголемиот дел од ангажираните лица не извршувале активности поврзани со внесување на податоци во електронскиот регистар, туку биле вклучени во извршување на други работни задачи.
Меѓу другите забелешки се наведени дека Управата нема обезбедено соодветни услови за сместување на матичните книги и чување на архивскиот материјал од трајна вредност, дека сѐ уште нема спроведено попис на матичните книги по матични подрачја, а има лесен и неевидентиран пристап до просториите на Управата и ноќе.
„Утврдено е и дека дел од вработените вршат внесувања и измени во електронскиот матичен регистар пред 6:30 часот и по 22 часот, без соодветен надзор. Исто така, во повеќе месни канцеларии се печатат и издаваат изводи од матичните книги и за време на викенди и празници“, предупредуваат ревизорите.
Во Управата за водење на матични книги недостасуваат 55 проценти квалификувани работници, а изостанува и надгледување и контрола на чувствителните работни места, што го зголемува ризикот од грешки и корупција.