30. 06. 2020 11:27

Управата за водење на матични книги се сели во Бедиње

Управата за водење на матични книги се сели во Бедиње

Канцеларијата на Управата за водење на матични книги во Куманово, од понеделник се сели во нови простории, во барака во кругот на поранешната касарна на АРМ, во населбата Бедиње.

Од наредната недела граѓаните коишто имаат потреба од извод на родени, на венчани или на умрени, мораат да отидат на новата локација во кругот на Тетовскиот универзитет. Пред просториите има голем паркинг.

  „По скоро 8 години, Управата за водење на матични книги ќе биде сместена во кругот на поранешната касарна на АРМ. Се работи за државни простории кои припаѓаат на Министерството за правда. Реновираниот објект моментално се подготвува според потребите на вработените и странките, а се очекува со работа да се продолжи наредната недела“, велат од Управата.

 Дел од вработените и граѓаните реагираат поради местоположбата на просториите. Велат дека Управата за водење на матични книги треба да остане во центарот на градот.

Управата за водење на матични книги прво работеше во просториите на СВР Куманово, а од септември 2012 година, се премести во приватен објект на улицата „Гоце Делчев“, за кој државата плаќаше закуп. Се најавува дека оваа преместување ќе биде трајно.

Управата за водење на матични книги не работи веќе две недели, прво затоа што неколку вработени се заразиле од коронавирус па сите беа во самоизолација, а потоа поради тоа што се селат и ја пренесуваат архивата во новите простории. Граѓаните се жалат дека во овој период не можат да ги извадат потребните документи.

(Д.Давитковски)

2008 - 2019 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk