„Вело - М“ успешно ја завршува годината
Велосипедскиот клуб „Вело-М“ успешно ја заврши оваа сезона и по тој повод во општината денеска ги презентираа постигнатите резултати.

Клубот ја освои ранг листата на Велосипедската федерација на Македонија и стана клубски шампион на Македонија. Беа презентирани резултатите на најдобрите велосипедисти меѓу кои се Стефан Петровски, Андреј Петровски, Никола Ѓукиќ, Денис Колевски, Зоран Ристовски и други.
На нас ова не ни е прв пат. Ние две децении сме во велосипедскиот спорт со што докажуваме дека општината Куманово е центар за македонскиот велосипедски спорт. Ги негуваме во нашиот клуб сите категории. Велосипедистите освојуваат врвен спортски резултат. Не само резултати во Македонија, имаме високи резултати на меѓународни велосипедски трки и на меѓународната светска ранг листа сме високо пласирани - изјави Марјан Петровски, спортски директор на “Вело-М“.
Градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски кажа дека вложувањето во спортот дава резултати и успеси.
Овие резултати ме прават многу среќен и задоволен и размислувам во наредниот период дека овој спорт треба да биде носечка точка во нашата идна програма, во однос на давање можност на такви талентирани спортисти за еден напредок. Да дадеме можност за развој на сите индивидуални спортови, не само велосипедизмот, туку и атлетиката, пливањето - вели Дамјановски,
Директорот на Општински сојуз на спортови, Сашо Петрушевски ги поздрави успесите на „Вело-М“ и кажа дека им даваат логистичка поддршка за сите трки кои се организираат во градот.
Резултатите се многу поголеми од она што сите ние очекувавме оваа година, меѓутоа во разговор со претседателот слушнавме ги надминуваат сите граници на очекуваното и мислам дека сите овие резултати ќе бидат поттик за сите млади спортисти во општина Куманово и вон општина Куманово, да ги достигнат овие резултати. Општински сојуз на спортови со мали средства и логистика за сите турнири дава поддршка, и евидентни се успесите оваа година - изјави Петрушевски.
Петрушевски додава дека во општина Куманово се негуваат сите спортови и како такви опстојуваат.