Ветераните ќе прават свечена академија за Карпош
Здружението на армиски и полициски ветерани утревечер во клубот „Христијан Т.Карпош“ организира свечена академија во чест на херојот Карпош.

Академијата ќе започне во 18 часот со цел да му се оддаде почит на херојот, ден пред датумот на кој е загинат во 1944 година во село Билјача, прешевско.
Сите почитувачи на ликот и делото на Христијан Тодоровски Карпош можат да дојдат да го одбележат датумот со нас. Ние планираме да го прикажеме документарниот филм за животот на Карпош со пригоден говор, со рецитации за потсетување на славните датуми од славното минато. За жал оваа година никој не ни излезе во пресрет, ова го правиме самоиницијативно. Петта година по ред се одржува оваа академија - вели Киро Соларски, организационен секретар во Здружението на армиски и полициски ветерани.
Во недела во 11 часот локалната самоуправа организира положување на цвеќе пред Спомен куќата на Карпош.