×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • ВИДЕО: Живот во ќорсокак

    14.06.2021 19:40 | KumanovoNews

    Седумдесетина семејства во кумановската населба Карпош со години живеат во ќорсокак, бидејќи државата им ја приватизирала улицата и ги оставила без пристап до куќите.

    Спорното парче земја, кое повеќе од 40 години било пат, со денационализација е вратенo на сопственикот, со што им е затворен единствениот излез кон главната улица во населбата и во градот. Сега, за да стигнат до нивните домови поминуваат преку приватно земјиште и секојдневно се соочуваат со големи проблеми.

    „Проблемот настана пред 4 години, кога овој дел од патот е затворен, откако е вратен со денационализација, иако никаде во законот не стои дека со денационализација се враќа улица. На оваа улица има 40-50 куќи, во некои куќи по 2-3 семејства, што значи дека над 70 семејства сме без пат. Не можеме да излеземе на магистралниот пат кој води кон Крива Паланка, а немаме друга опција за влез и излез“, изјави Христина Колев, мајка на три деца која е најгласна да им се врати улицата.

    Куќите во оваа населба се изградени во осумдесетите години на минатиот век на плацеви што им ги продала општината во 1978 година на јавен конкурс, и тогаш во планот постоела вцртана улица со широчина од 9 метри. Во 2015 година Министерството за финансии дало согласност имотот да се денационилизира, без да води сметка за јавниот интерес. Жителите воопшто не знаеле дека има таква постапка, ниту, пак, дека е донесено решение, за да се жалат. Улицата 172 поврзува шест- седум споредни улици, кои сега завршуваат во слепа улица.

    „Ние не знаевме, а ниту, пак, некој од институциите има излезено на терен да изврши мерење. Да дојдеа ќе видеа дека се работи за улица. Во изводот за катастарски парцели, кај што е промена на сопственик ќе видите дека парцелите на кои се наоѓа улицата беа сопственост на Република Македонија, таму јасно пишува улица. Значи, некој или не ги погледнал воопшто документите пред да ја денационализира улицата, или намерно и свесно го заобиколил законот. Јас мислам дека второто е во прашање. Јасно стои во закон што може да се денационализира, а што не“, - вели Колев.

    Таа тврди дека надлежните користат дупка во законот, па им кажале дека паднал ДУП-от и затоа го вратиле имотот на сопственикот.

    „Веќе 10 години не можеме да влеземе дома. Најбитно од се е што нас плацевите ни ги продаде општината, ние немаме узурпирано државно земјиште или изградено на диво, имаме документи и урбанистички план за секој плац, приватизација на секој имот. Следствено на тоа, секое семејство плаќа данок на државата“, вели Колев.

    Граѓаните за приватизираната улица дознале случајно, кога побарале од општината да им ја асфалтира улицата. Состојбата ескалирала кога сопственикот поставил трупец на патот, а другиот жица за да не одат по негово земјиште.

    „Половина од патот го загради едниот, другата половина другиот сосед и сега оди па помини. Ние не ги кабатисуваме нив, општината е виновна. Зошто му го врати имотот после 50-60 години. Не можеме да влеземе да донесеме песок, цигли, дрва. Не може ни Брза помош да дојде, Пожарна за да изгасне пожар. Ни треба пат, не се живее вака. Ние сами сме си изградиле канализација, водовод, струја, се на наша сметка. Еден пат имавме од нив, па и тој ни го земаа“, вели Страшко Симоновски.

    Жителите имале повеќе средби со локалните претставници и градоначалникот, а организирале и неколку протести пред општината. Повеќепати им било ветувано дека проблемот бргу ќе се реши, но засега безуспешно.

    „Решение постои. Добра волја на градоначалникот и на неговата партија. Да одобри средства, да направат проект и да се реши во најскоро време. Не само да ветуваат, туку да направат нешто конкретно. Општината го создаде поблемот, не само овој градоначалник, туку и предходниот. Ама некој мора да го реши. Од некаде мора да се почне. Да се трасира патот, да се каже тука ќе поминува и да се асфалтира. Трајно да ни го решат проблемот.  Дали ќе биде СДСМ или ВМРО на власт, нас не ни е битно, нас не интересира проблемот да ни се реши“, вели Веле Крстевски, кој додава дека добиле етикети оти се политички мотивирани да бараат решение на проблемот.

    Од Oпштина Куманово велат дека во буџетот за оваа година се предвидени средства за експропријација, согласно Планот на програмите за развој на Општина Куманово за 2021 година. Неофицијално, општината му понудила на сопственикот да му го откупи земјиштето, но тој побрал нереална сума пари, која не одговарала на пазарната вредност и затоа не се договориле. Сега целата постапка ќе оди по редовна постапка.

    „Изготвена е проектна документација од страна на ЈП „Куманово план“, која е одобрена од Општина Куманово. Моментално тече постапката за пренамена на земјоделското во градежно земјиште, а потоа следува процесот на експропријација“, одговорија кусо во соопштението на Општината Куманово.

    Жителите со резерва го прифаќаат ова ветување и велат дека пред секои избори за политичарите нивниот проблем е приоритет, а кога ќе дојдат на власт ги забораваат.

    „Ниту еден градоначалник, ниту било кој од општината, нема дојдено тука да види како живееме. Тој ќе си дојде во партиски штаб пред избори и после не не познава. Еден да дојдеше да ни ја види маката, не мора да го направи патот, само да знае како ни е. Јас имам три деца, во овие куќи има преку 50 деца, кои одат на училиште и поминуваат тука низ кал, вода“, вели Колев.

    Дел од жителите на шега предлагаат локалната власт да обезбеди превоз по воздушен пат, ако не успее да ја откупи улицата.

    „Штом градоначалникот не мисли за нашиот пат во 21 век, моите деца да не можат од странство да дојдат да ме видат, а јас сум сама, со бастум во продавница не можам да отидам, нека ми испрати хелихоптер. Не мора да ни прави пат, нека купи хелихоптер и ќе се возиме. Дали е ова 21 век? Во 18 и 19 век имало коцка, а сега погледни, срамота е ова што ни се случува“,  револтирана е Бедрије Далиповска.

    Сопственикот на спорното земјиште, вели дека и тој посакува што поскоро да се реши проблемот, но подготвен е да продаде само половина од неговиот имот и предлага другиот дел да го даде газдата на другата парцела, бидејќи патот поминува многу блиску до неговиот деловен објект и го оштетува.

    (С.Николиќ, А. Ѓелевски)

    ВИДЕО: Живот во ќорсокак