Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Независниот кандидат за градоначалник Виктор Цветковски, денеска ја започна изборната кампања од Зелениот пазар.
Се сретна со пазарџиите и им подели изборен матерјал, при што им вети изградба на нови пазари и поевтин закуп за тезгите.
Проблемите на овие луѓе пред се се состојат од нелојалната конкуренција. Наша обврска е веднаш да влеземе во решавање на тој проблем. Ветивме дека ќе бидат намалени цените за закуп на тезги, затоа што овие луѓе во последната година се оптоварени со паушал кон УЈП, и тој паушал локалната самоуправа не може да го спречи, но од друга страна ова се наши граѓани и ќе ја намалиме цената за колку толку да компензираме бидејќи државата ги оданочува. Тоа се три важни прашања и тие се дел од нашата програма - изјави Цветковски.
Тој појасни дека со години работи во ЈП“Пазаришта“ и затоа ги познава проблемите на пазарџиите. Доколку ја добие довербата на граѓаните на изборите, планира да отвори трет пазар.
Новиот модерен пазар треба да ги реши проблемите во делот на паркирање. Имаме еден проект, консултирани се и урбанисти, со паркирање внатре на две нивоа, дотур на стока внатре. Кванташки, полукванташки пазар на големо. Се што ќе биде размонтирано од овде ќе биде пренесено на добиточниот пазар кој ќе се модернизира, прошири и таму ќе биде сместен автопазар и продажба на големо. Нема да имаме никакви трошоци дополнителни, се што имаме овде, конструкциите ќе бидат искористени на добиточниот пазар. Се што нудиме е реално, само добро изменаџирано. Тоа можеме, знаеме, пред се нашето искуство и знаење гарантира успех - додава Цветковски.
На Зелениот пазар заедно со Цветковски беше и носителот на листата на советници Драги Караџински и останатите кандидати за советници.