Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Членови на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Куманово, денеска половина час ја блокираа крстосницата на “Октомвриска револуција“ и „Трета МУБ„, кај Градски кеј, револтирани од сообраќајниот хаос во градот.
При тоа побараа крстосницата да биде заменета со кружен тек, за да се зголеми безбедноста во сообраќајот, но и да се поврзат улиците кои сега се отсечени.
Ја одбравме токму оваа раскрсница, затоа што е синоним за невидено лошо, нестручно изработено и неефикасно сообраќајно решение. Од ноември 2008 година до денеска на неа се случила дури 31 сообраќајна незгода, во која 3 лица го загубиле животот, 6 лица се здобиле со тешки телесни повреди и 26 лица се здобиле со телесни повреди, а причинета е и голема материјална штета. Од ова произлегува дека таа претставува една од најголемите црни точки за безбедноста на сообраќајот во Куманово. Раскрсницата е пуштена во употреба без „употребна дозвола“ која и до ден денеска не е добиена, што значи дека веќе шестипол години се употребува без законска дозвола“ - изјави Драган Петковски, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Куманово.
Од ВМРО-ДПМНЕ ја обвинуваат локалната власта за оштетените улици, лоша вертикална и хоризонтална сигнализација, еднонасочниот сообраќај и лошото зонско паркирање, кое наместо да го намалува го зголемува сообраќајниот хаос, како и за ветеното намалување на цената за паркирање кое не е исполнето.
На општината и порачаа наместо да бара изговори, да ги решава проблемите на граѓаните.