Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Група од 15 танчерки од Балетското студио „Ултра“ од Куманово, со нивниот кореограф Александра Димитриевска, се вратија од Измир,Турција каде што на 32-от Меѓународен детски фестивал од 15 до 25 април ја претставуваа Македонија.
Младите амбасадори на својата земја на возраст од 8 до 13 години беа дел
од нивните врсници од 42 земји од сите страни на светот. Едни до
други,сите заедно ги пееа детските песни, го играа македонското оро со
децата од Балканот, но и од Азија, Африка, од Блискиот и Далечниот
Исток, од Америка.
Љубезно пречекани од нивните врсници, домаќини од државното основно
училиште „Јахја Кемал Беатли“ од овој фестивал понесоа и донесоа многу
спомени и најразновидни подароци.
Танчерките кои пред тамошната бројна публика танцуваа во дворот на
училиштето, во парковите, во најмакедонскиот турски град Маниса на 25
километри од Измир, насекаде беа поздравувани со скандирање „Македонија!
Македонија!“. Им приоѓаа деца, но и многу возрасни кои со нив се
фототграфираа покрај македонското знаме, а потоа им кажуваа дека нивните
предци се од Македонија.
Кумановките беа примени и од гувернерите и градоначалниците на Измир и
на Маниса. А во Анкара пак, најмладата танчерка Антонија Димитриевска на
21 април (само два дена откако го прослави 8-от роденден),со нејзината
домаќинка Илајда Нур беше примена од турскиот претседател Абдула Ѓул, од
заменикот премиер на Турција, од претседателот на Парламентот, од
генералниот директор на Турската радио телевизија, која е организатор на
овој најголем меѓународен детски фестивал во светот, а го посети и
Маузолејот на големиот творец на модерна Турција, Кемал Ататурк. Во
турскиот Парламент малата Антонија на прозивката на сите земји со
нежниот детски глас се јави: „ Македонија е тука“, по што доби голем
аплауз.
На Гала вечерта, на 21 април кога Турција го одбележува Денот на детето,
хип хоперките на „Ултра“ водителката ги најави Куманово, Македонија.
Тогаш од грлата на 10 илјадната публика во „Спортскиот стадиум“ грмна
скандирањето на името на нашата земја. По Гала вечерта на детската
забава нашите мали ѕвезди позираа пред телеобјективите на многумина
фоторепортери од разни земји. Нивните врсници од Америка, Тајланд,
Јапонија, Виетнам, Мозамбик и од други земји, како и од бројните Турци
по потекло од Македонија, им делеа комплименти, а некои и подароци за
долго сеќавање.
На крајот на фестивалот веселите и неизмерно љубезни домаќини ги
раширија своите топли прегратки и силно ги стегаа своите гостинки
криејќи ги солзите разделници.
– Многу ве сакаме, дојдете ни пак! Велеа децата од Измир, задушувајќи се
во солзи. – Ќе дојдеме и ние ве сакаме, а сакаме и вие да ни ја
возвратите посетата, одговараа нашите девојчиња.
Младите кумановки со останатите деца од светот 10-те денови во Измир ги
срушија сите бариери и го изградија шарениот мозаик, онаков каков што
детските срца го посакуваат за нивната иднина.
(С.А.Ј)