×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Во јунскиот рок пополнети само половина од слободните места за прва година во кумановските училишта

    05.07.2024 14:54 | Оливера Пешевска

    Во петте средни училишта во Куманово, во двата уписни рока во јуни се запишани вкупно 1.078 ученици, а по конкурсот на Министерството за образование и наука (МОН) се предвидени 2.187 деца. Ова практично значи дека недостасуваат 1.109, деца, повеќе од 50 посто од проектираните слободни места.

    Во јунскиот рок пополнети само половина од слободните места за прва година во кумановските училишта

    Во средните училишта во Куманово има слободни место за упис во прва година на сите смерови и насоки, но генералната оценка е дека речиси сите завршени деветооделенци го направиле својот избор и се запишале онаму каде планирале. По завршување на вториот уписен рок објавени се конечните ранг листи, но останува уште еден- во месец август, за кога се можни мали преместувања и презапишување на учениците.

    Во Државното средно училиште „Киро Бурназ“ во сите класови има по неколку слободни места, но надминат е бројот на новозапишани ученици во споредба со изминатите неколку години.

    „Задоволни сме од одзивот, имаме запишано 155 ученика на сите смерови на настава на македонски јазик и 50 кои ќе посетуваат часови на албански. Ја надминавме бројката од последните неколку години, очекуваме уште некој ученик во августовскиот уписен рок. Инаку класовите се проектирани на 25 ученика, некаде фали по еден, два ученика, некаде и повеќе до максималниот капацитет“, истакна директорката Весна Трајковска.

    Споредбено со конкурсот на МОН предвидено е да се запишат 418 ученика за сите паралелки.

    Зголемување на бројот на заинтересирани ученици има и во економското училиште „Перо Наков“, иако значително помалку од предвидените 554.

    „Минатата година запишавме 130, ова година 150 ученика, што е одлична бројка. Пријавени беа 179 деветооделенци. И ова година се отсликува трендот актуелен последните неколку години, најголем интерес имаше генерално за насоките кои се актуелни во современиот, дигитален свет, техничар за е - трговија и дигитален маркетинг, од економските паралелки и графички дизајн од уметничките насоки. Во паралелките на албански наставен јазик се запишани 41 ученик“, информираше директорката Мила Жибак.

    Во првиот уписен рок во техничкото „Наце Буѓони“ се запишале 375 ученика. На македонски јазик се запишани 200 ученика  и 175 кои настава ќе следат на албански. МОН предвидел 637 слободни места за упис. Медицинските паралелки беа многу популарни откако беа воведени пред повеќе години, секогаш се тражеше место повеќе, па изненадувачки е што и таму не е постигнат максималниот предвиден број.

    Гимназијата „Гоце Делчев“ запишала 165 ученика во прва година, и има уште 175 слободни места. Нема намалување на критериумите за запишување во гимназиите, па и не очекуваат заинтересирани кандидати во августовскиот уписен рок.

    Во билингвалната паралеката со настава на српски јазик се пријавиле 10 ученика, а во македонско- француската билингвална паралелка само 5.

    „Некогаш билингвалната паралелка беше атрактивна за учениците, сега интересот е изненадувачки низок. Но, традиционално имаме задоволителен интерес за сите насоки што ги нудиме во образовниот процес. Не очекуваме дека ќе има драстична разлика и зголемување на запишани ученици до почетокот на учебната година затоа што ние не го намалуваме потребниот број на бодови за упис. За жал, евидентно е дека има се помалку деца во градот“, појасни Марија Тодоровска, директорка на „Гоце Делчев“.

    И Гимназија „Сами Фрашери“, каде наставата се одвива на албански наставен јазик ја дели судбината на останатите училишта, на 238 слободни места се запишани 142 ученик во прва година.

    Според добиените податоци речиси сите деца кои завршиле девето одделение во општинските основни училишта се запишале во некое од четирите средни. Отстапувањата во бројките на завршени деветоделенци и запишани средношколци се незабележителни, што значи дека многу малку ученици од прва година одлучиле школувањето да го продолжат надвор од Куманово. Тоа е само доказ за разноликоста на понудените смерови, кои ги задоволуваат критериумите и желбите на децата, па тие одлучуваат да останат дома и во наредните 4 години.

    Но, споредбените бројки го потенцираат трендот на иселување на населението.