Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Свечена церемонија по повод 25 годишнината од формирањето на Бригада на Југоисточна Европа - СEEБРИГ се одржа денеска во касараната „Боро Менков“ во Куманово.
На неа присуствуваа министерот за одбрана Владо Мисајловски, претседавачот на Координативниот комитет на СЕДМ и на политичко- воениот Управувачки комитет Симона Којачару, командантот на бригадата Билбил Битри, како и воени и дипломатски претставници од сојузи и земји-членки во иницијативата.
Министерот Мисајловски се заблагодари за континуираната посветеност и придонес кон исполнување на мисијата на бригадата во овие 25 години.
„Работејќи за СЕЕБРИГ и истовремено служејќи на вашите земји и на нашите граѓани вие само ја потврдивте посветеноста на сите земји членки кон иницијативата која донесе соработка, донесе дијалог и овозможи создавање на средина во која владее меѓусебна солидарност и поддршка меѓу државите. Имаме силен мотив да продолжиме да ги јакнеме нашите одбранбени капацитети, да ја јакнеме одбранбената билатерална и регионална соработка. Ние остануваме фокусирани и кон исполнување на втората стратешка цел полноправно членство во Европската Унија со што уште повеќе ќе придонесеме за стабилност и развој на регионот“, истакна во своето обраќање министерот Мисајловски.
Тој ги потсети сите членови на бригадата дека треба да продолжат со меѓусебна поддршка и посветени во градење на сигурна иднина, поради моменталната геополитичка состојба во Европа и светот, загрозената безбедност, бројните форми на хибридни закани, лажни вести, дезинформации, како и научени лекции од минатото соочувајќи се со ковид кризата и природните катастрофи.
„Сега со силни и стабилни темели по четврт век постоење, СEEБРИГ продолжува да се докажува како исклучително вреден механизам за промовирање на регионалната безбедност, доверба и одржување на воената соработка меѓу земјите-членки. Моја лична забелешка е дека мирот и добрите односи на кое било поле, а особено во меѓународните односи бараат зајакната меѓународна соработка и слободоумен пристап кон сите проекти за соработка. Тоа можеме да го направиме ако продолжиме да инвестираме во процесот на СЕДМ и да работиме СИБРИГ да стане сè поважен актер за регионална стабилност“, потенцираше Којачару.
Бригадата на Југоисточна Европа е формирана во 1999 година, врз основа на договорот за регионална соработка на полето на одбраната познат како договор за Мултинационални мировни сили на Југоисточна Европа (ММСЈИЕ). Во Сибриг денеска учествуваат Албанија, Бугарија, Грција, Македонија, Романија и Турција. Според Договорот за формирање на бригадата, локацијата на Командата на СЕЕБРИГ е на ротациона основа, а нејзини домаќини досега беа: Пловдив, Констанца, Истанбул и Лариса. Македонија е домаќин на командата на бригадата која од 2020 е лоцирана во Куманово и тука стане до 2026 година.