Во Куманово се бараат 30 пожарникари, се пријавиле 44 кандидати од кои две жени
Две жени се меѓу 44 кандидати кои конкурирале на огласот за привремено ангажирање на пожарникари во Куманово.

На конкурсот кој го распишаа Општина Куманово и Центарот за вработување се бараат 30 невработени лица за заштита и превенција од пожари и заштита и оплеменување на животната средина на локално ниво – пошумување.
Раководителот на Центарот за вработување Куманово, Ндерим Јашари, вели дека од прв ден имало интерес за мерката, и уште во првиот рок биле пријавени триесетина лица. Огласот заврши денеска, а беше продолжен уште за седум дена поради слабиот интерес во некои од регионите.
„Пријавени се 44 кандидати од сите генерации. Аплицираа и две жени кои ги исполнуваат условите и ние ги примивме документите, бидејќи во огласот немаше ограничување кој може да конкурира. Сите пријави ќе бидат пратени во Агенцијата за вработување во Скопје, и таму во соработка со Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и Противпожарниот сојуз на Македонија (ПСМ) ќе се направи селекција и избор на кандидатите“, вели Јашари.
Избраните кандидати ќе поминат обука која ќе ја организира ПСМ за користење на противпожарна опрема и вештини за справување и превенција од пожари. Само кандидатите кои успешно ќе ја завршат ќе добијат потврда за работа. Пожарникарите ќе бидат ангажирани согласно потребите на ДЗС најмногу 5 месеци, за месечен надоместок од 24.000 денари, со вклучено осигурување за инвалидитет и телесно оштетување при повреда на работа и професионална болест и данок на личен доход. Најдобрите ќе бидат вработени за стално.
Право да се пријават имаа само активни баратели на работа, кои се здрави и психофизички способни, не боледуваат од кардиоваскуларни и белодробни заболувања, епилепсија и дијабет. Да се на возраст до 55 години.
Владата најави дека ќе се вработат 400 пожарникари, за справување со пожарите во летниот период.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов денеска рече дека на огласот за привремени пожарникари се пријавиле 500 кандидати. Во Скопје бројката е мала односно пријавени се само 50 лица, а се бараа 80.