Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
На Градскиот плоштад во Куманово денеска беше организиран посебен едукативен настан посветен на децата и нивната здравствена заштита, по повод Светската недела на имунизација, која се одбележува од 27 април до 7 мај.
Организатор на настанот беше Здравствен дом Куманово- Одделението за вакцинација, се со цел да ги поттикне родителите на навремена вакцинација на нивните деца, да се зголеми свеста за важноста на имунизацијата и да се создаде можност за директна комуникација со здравствените работници.
Организаторите истакнуваат дека одѕивот бил одличен – присуствувале сите поканети, како и дополнителни родители и деца кои биле информирани преку социјалните мрежи.
„ Дојдоа не само оние кои ги поканивме директно, туку и родители кои сами пројавија интерес, што покажува дека интересот и свесноста растат. Минатата година, по епидемијата на пертусис, успеавме да вакцинираме голем број деца кои претходно не беа имунизирани. Иако сè уште го немаме официјалниот извештај со процентуалната покриеност, се надеваме дека сме постигнале значаен напредок,“истакна д-р Валентина Богоевска Димитриевска, началничка на Одделението за вакцинација.
Особено внимание се посвети на родителите кои сè уште имаат дилеми околу вакцинирањето, со цел да добијат точни и научно поткрепени информации.
Паралелно со централните активности, се спроведува и теренскиот проект „Од врата до врата“, преку кој здравствените тимови ги посетуваат домовите во различни населби, меѓу кои Карпош, Черекезе, Студена Бара, Пчиња и Вак’в. Според евиденцијата, резултатите досега се охрабрувачки и покажуваат напредок во зголемување на опфатот.
Истовремено, започната е и соработка со новата директорка на детската градинка „Ангел Шајче“, која активно се вклучи во иницијативата преку проверка на имунизациониот статус на децата.
„Веќе добиваме повратни информации и податоци за децата кои се имунизирани и оние кои не се. Очекуваме дека со оваа поддршка ќе успееме да подобриме многу работи кои досега беа запоставени“, велат од организацискиот тим.
Настанот е само еден сегмент од пошироката иницијатива за подигање на свеста за имунизацијата, која останува најмоќната алатка за заштита од заразни болести.