Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во сендвичарницата “Аркадија“ во центарот на градот, граѓаните можат да потпишат петиција за укинување на екстерното тестирање.
Од минатата недела стотина родители и професори од Куманово дале подршка на петицијата за укинување на екстерно тестирање на учениците во основното и средно образование. Иницијативата за собирање на потписи ја покренале родители на ученици од седмо одделение од основното училиште „Крсте Мисирков„.
Ние не сме информирани за таа иницијатива. Слушнавме од учениците дека родителите се организирале, но никој не не известил и не побарал помош од нас. Тоа е право на родителите, бидејќи се работи за нивните деца- велат за Кумановоњус, професори од училиштето.
Родителите кои дадоа подршка на петицијата, сметаат дека децата се преоптоварени со учење, и екстерното тестирање ќе го фрли во вода целиот нивен труд вложен во текот на годината.
Децата не се подготвени за тестирање и Македонија е единствена земја што го спроведува ова тестирање. Јас сум родител на дете од четврто одделение и тоа е под голем стрес. Самото тестирање е компјутерско, бидејќи времето е ограничено, а особено е оптоварување што се тестираат знаења од самиот почеток на годината. Прво се зборуваше за два предмета, потоа излезе дека ќе бидат три, а не сум сигурна дека до попладне нема да бидат четири - вели родител.
На петицијата се потпишуваат и наставници, кои велат дека реформите во образованието се на штета на децата.
98 одсто од наставниците се против екстерното тестирање. Тоа е многу стресно за децата, па и за нас професорите.Во иднина кога ќе се носат некои новини, од министерството треба да консултираат барем еден практичар. Реформи воведуваат тие што нема влезено во училница. Јас водам четврто одделение и знам дека детето денеска може да има лош ден, иако цела година учело - изјави одделенски наставник.
Досега се собрани над 100 потписи, а со собирање на 10.000 потписи родителите можат да побараат законски измени и стопирање на екстерното тестирање.