×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Во Куманово тешко се наоѓа огревно дрво и покрај високите цени

    20.09.2022 11:42 | Оливера Пешевска

    Кризата со огревно дрво и високите цени создадоа главоболка на голем број кумановци. Иако сме на стартот на грејната сезона голем дел од домаќинставата се уште немаат обезбедено огрев, бидејќи шумските стопанства и приватните фирми не можат да одговорат на зголемената побарувачка и покрај повисоките цени. Во просек цената на метар кубен дрва во складовите во кумановско се над 5.000 денари, што е за 70 отсто повисока во однос на минатата година.

    Во Куманово тешко се наоѓа огревно дрво и покрај високите цени

    Во Шумско стопанство - подружница Куманово вчера ни потврдија дека немаат огревно дрво. Велат дека е распишан тендер и очекуваат да добијат одредена количина, но тие ќе бидат за 20 отсто поскапи во однос на претходната цена која изнесувала 2.370 денари.

    „Има многу голем број на граѓани кои се уште не купиле дрва, побарувачката е премногу зголемена“, велат од Шумското стопанство без да прецизираат кога може да се очекува надополнување со нови количини.

    При посета на три приватни складишта на периферијата на градот, забележавме мали количини на дрва кои се испорачуваа на купувачите, но сопствениците не беа расположени да дадат информации за цената и за начинот на продажба.

    „На пазарот нема пелети за греење, а и најавениот недостиг на струја ја крена паниката кај населението и затоа побарувачката е се поголема како што се наближува грејната сезона. Главно купуваме од таму каде што имаат да ни понудат“, рекоа кратко продавачите, без да прецизираат од каде е точно набавката и која е цената. 

    Семејствата коишто традиционално се загреваат на дрво, воглавно потребните количини ги набавуваат уште на пролет. Меѓутоа дел од граѓаните останаа без дрва затоа што им беа откажани нарачаните количини, а други мораа да ги плаќаат по повисока цена. 

    „Нарачавме уште во мај по цена за кубик дрва од 4.200 денари, но ни ги доставија 3 месеци подоцна и ги платиме по 5.400 денари. Немавме избор и моравме да ги земеме, инаку ќе останевме и без нив“, вели една наша сограѓанка. 

    По улиците и дворите секојдневно се забележуваат купени дрва. Домаќините велат дека тешко се наоѓаат и работници што ќе ги исечат и исцепат дрвата, а и нивната дневница е зголемена. Граѓаните тврдат дека дрвата веќе не се најевтин начин на загревање, но се плашат дека ќе бидат единствен за зимата што доаѓа. Никој повеќе не размислува, ниту, пак,  поставува прашање за загадувањето на воздухот што не очекува.