Во мај се запишале 863 првачиња од 1.300 деца родени во 2020 година
Во 16-те општински основни училишта во Куманово досега се запишани 863 првачиња. Од нив, 772 ученици се запишани во централните, а 91 во подрачните училишта.
Уписите започнаа на 1 мај и ова е првиот пресек на податоците. Ќе траат до почетокот на учебната 2026/2027 година, бидејќи практиката покажува дека дел од децата се запишуваат и подоцна.
„Оваа бројка не е конечна. Со години наназад имаме уписи и непосредно пред почетокот на учебната година, бидејќи дел од родителите со своите деца одат на сезонска работа и ги запишуваат учениците кон крајот на август или на почетокот на септември, по нивното враќање. Поради тоа очекуваме дополнителни уписи. Има и родители кои пријавиле дека е во тек промена на адресата на живеење, па го одложиле запишувањето. Конечната бројка ќе ја знаеме на почетокот на учебната година“, изјави Александар Јовановиќ, раководител на Секторот за образование во Општина Куманово.
Според податоците на МВР, бројот на деца родени во 2020 година со место на раѓање Куманово и Скопје, а кои припаѓаат на уписното подрачје на Куманово, изнесува околу 1.300.
Јовановиќ додава дека миграциските процеси од руралните кон урбаните средини, како и иселувањето, влијаат врз намалувањето на бројот на ученици во прво одделение, тренд што е присутен и во другите општини во државата, но и во повеќе европски земји.
Минатата година, во јуни биле запишани 860 првачиња, што значи дека бројката годинава е речиси идентична. На почетокот на учебната 2025/2026 година, пак, биле запишани вкупно 904 ученици во прво одделение.
(Архива. Кумановоњуз)