Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Општа болница Куманово денеска на 100 волонтери им беа врачени решенија за работа на неопределено време.
Поголемиот дел од нив се хигиеничарки, болничарки, медицински сестри и мал дел општи лекари, кои со години беа волонтери и работеа за скромен надомест. Директорот на болницата, Ариф Љатифи рече дека на овој начин 100 семејства ќе бидат згрижени и ова е голем ден за установата.
Во историјата на нашата болница немаше ваков ден, на кој одеднаш решенија за вработување ќе добијат 100 нови лица. Ќе се заблагодарам на нашите вработени. Со години работат кај нас, имаат дадено се што можеа да дадат и сега ми е чест да им го честитам решението за вработување, бидејќи со тоа ќе имаат постојано вработување и директно ќе згрижиме 100 семејства кои редовно ќе земаат плата - рече Љатифи.
Државниот секретар во Министерството за здравство, Насуф Ипчја им се заблагодари на волонтерите за вложениот труд.
Ова е само едно мало задолжение од наша страна, за сето тоа што во овој период тие луѓе го искажаа. Според хипократова заклетва, нивна работа е да работат. Во овие поминати години работеле речиси бесплатно - рече Ипчја.
Волонтерите беа многу задоволни што конечно ќе се реши нивниот статус.
Многу сум среќна, благодарам на министерот и директорот. Скоро четири години работев како хигиеничарка. Нема посреќни луѓе од нас - вели Владанка Вељковска, хигиеничарка.
На свеченоста присуствуваше министерот за локална самоуправа, Лирим Шабани и министерот за економија, Беким Незири.