Во средните училишта ќе се воведува вештачка интелигенција
Од септември во средното образование ќе биде воведена вештачката интелигенција (ВИ), кажа денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Ќе се применува за различни теми по сите предмети и во слободните училишни активности.
„Со вештачката интелигенција може за една до две минути да се добијат распоред за часови и распоред на наставници, може да им ги средува сметководствените потреби, на наставниците може да им направи наставни ливчиња, ако ги има податоците за темата што се учи, може да им направи тестови, вежби. Ученицитее може да ја користат на една платформа да вежбаат, да решаваат задачи, да одговараат прашања од одредена тема во учебникот. Сѐ тоа ќе биде многу побрзо и ќе биде соодветно на она што се случува во светот во овој момент. Најголемата придобивка од ВИ за учениците ќе биде тоа што ќе ги натера да мислат и што ќе им овозможи она што на нашите деца им недостасува според ПИСА-тестирањето“, кажа министерката.
Јаневска додаде дека е важно учениците и да се заштитат при користењето на ВИ и да ги проверуваат добиените информации, да стекнат знаења и вештини и за етичка примена на вештачката интелигенција во секојдневието, за време на наставата, а понатаму и во нивните професии.
За воведување на ВИ во наставата, Министерството за образование и наука (МОН) и Бирото за развој на образованието ќе имаат стручна поддршка од „Бреинстер“.