Во транзитниот центар Табановце се поставуваат нови контејнери
Нови 23 контејнери во наредениот период ќе се постават во транзитниот центар Табановце.

Според Центарот за управување на кризи, завчера се донесени 4 контејнери кои, откако ќе бидат приклучени на електрична енергија, ќе се стават во функција на бегалците. Носењето на нови контејнери предизвика сомнеж дека тие се наменети за отварање камп за бегалците и за економските мигранти кои се враќаат од Србија. Оваа информација ја демантираат од Транзитниот центар Табановце.
„Одлуката за поставување на нови контејнери не е нова, таа е донесена пред 2 месеци и е во согласност со акциониот план на главниот штаб. Тогаш и се нарачани контејнерите, кои од завчера започнаа да ни ги доставуваат. Дел од нив ќе бидат монтирани на Табановце, а дел во Гевгелија. Кампот се проширува за да имаме доволен број на објекти што ќе примат повеќе луѓе од различни категории, пред се, мајки со деца и болни, кои по неколку часа одмор ќе го продолжат патувањето кон Србија. Незнам од каде ви е информацијата дека тука ќе се гради камп, но не е точна. Економските мигранти се илегални и тие не се задржуваат на наша територија туку откако ќе бидат откриени веднаш се транспортираат во Грција, - вели Горан Стојановски, менаџер на транзитниот центар Табановце.
Контејнерите на Табановци ги обезбеди меѓународната организација ИЈОМ. Луѓе од теренот велат дека тие се со големина од двесетина квадрати и опремени се со клима уреди за затоплување. Можат да примат едно семејство, обично оние кои пристигаат во ноќните часови и наутро го продолжуваат паток кон земјите на европската унија. Досега во транзитниот центар има повеќе шатори, монтажни објекти и контејнери во кои можат да се сместат околу 1000 бегалци.