Во Занаетчискиот дом ќе се отвори Европска куќа на младите
Во Занаетчискиот дом во Куманово ќе се отвори Европска куќа на младите. За таа цел, Општина Куманово ќе го отстапи деловниот простор во кој до неодамна работеше угостителски објект.
„Се работи за предлог-одлука за давање недвижен имот во сопственост на Општина Куманово, без надомест, на Европската Унија, односно Делегацијата на ЕУ. Станува збор за деловен простор во Занаетчискиот дом со површина од 48 квадратни метри. За да биде појасно, таму беше сместено кафуле, а претходно бутик“, објасни Иван Ангеловски од Секторот за правни работи во Општина Куманово.
Претседателката на Советот, Ивана Ѓорѓиевска, кажа дека досега Европската куќа во Североисточниот регион била сместена во Крива Паланка и сите манифестации се организирале оттаму, бидејќи немало соодветен простор во Куманово.
„Просторот треба да биде во центарот на Куманово за да им биде достапен на младите. Досега баравме просторија што ќе одговара на нивните потреби, а сега ќе се дислоцираат од Крива Паланка во Куманово, како центар на Североисточниот плански регион. Не дека не сме сакале и порано да дојдат тука, но немале услови, а сега го решивме тоа, бидејќи секогаш постоел интерес да дојдат тука“, кажа Ѓорѓиевска, одговарајќи на забелешките на советник дека одлуката е задоцнета.
Советниците кажаа дека станува збор за проект на Европската Унија кој веќе постои во повеќе градови во земјата, а се работи за младински културен центар каде што се одржуваат различни манифестации и обуки за младите.