Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во салата на Занаетчискиот дом во Куманово денеска беше организирана свечена академија по повод 80- годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик.
На сеченоста беше кажано дека јазикот е жива материја, кој созрева, расне и се менува.
„Ние сме родени говорители на македонскиот јазик, должни сме и треба да го зборуваме, користиме и корегираме. Иако живата материја измрдува понекогаш од кодексот, но затоа ние сме тука за да го прочитаме, да се вратиме на правописот, повторно да ја разгледаме граматиката, да ги извежбаме правилата. Им го должиме тоа на поколенијата кои остануваат зад нас и на претците кои работеле и твореле на нашиот јазик“, истакна Фросина Додевска, професорка по македонски јазик и литература во ООУ „Наим Фрашери“.
Преку видео врска, во чест на Денот на македонскиот литературен јазик, се обратија проф. д-р Владимир Мартиновски, декан на Филолошки факултет “Блаже Конески”, проф. д-р Венко Андоновски, познат писател и професор на истиот факултет и проф. д-р Маја Јакимовска – Тошиќ од Институт за македонска литература.
Програмата ја збогатија ученците Ива Додевска од Гимназијата „Гоце Делчев“, Михаела Кипријановска од ООУ „11 Октомври“ и Самира Абдуловиќ од ООУ „Наим Фрашери“ кои прочита стихови од македонски познати автори, како и Тамара Трајковска од СОУ „Перо Наков“, Кјара Ристиќ од „ Толи Зордумис“, Викторија Стојановска од „Наце Буѓони“, а Каја Поповска од Музичкото училиште „Панче Пешев“ изведе музичка композиција.
Во вториот дел од програмата беше презентиран краток документарен филм, преземен од архивата на Македонската радио телевизија, за Блаже Конески, кодификаторот на македонскиот литературен јазик.
До присутните со пригодни говори се обратија градоначалникот Максим Димитриевски и Ивана Ѓорѓиевска, претседателка на Советот.