Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Занаетчискиот дом во Куманово, утревечер (среда), со почеток во 17.30 часот, свечено ќе биде одбележана 30-годишнината од партнерството на УСАИД со Македонија.
Јубилејот ќе биде прославен со едночасовна културно-уметничка програма преку која се нагласува соработката на УСАИД со македонскиот народ во однос на поттикнување на реформите што и помагаат на нашата земја на патот кон евроатлантските интеграции.
На прославата ќе биде одржан мотивациски говор - „Партнерството е сила“ со Анета Станковиќ Јанковска, модна ревија „Рециклирана убавина“ под менторство на Ирина Тошева со учениците од средните училишта „Перо Наков“ и Гимназија „Гоце Делчев“, концерт на џез бендот на Музичката Академија при Универзитетот „Гоце Делчев", откривање на мурал од Младен Трендевски и изложба на фотографии „Живот поминат заедно”.
„Низ кампањата за ова 30-годишно партнерство ќе се потенцира како УСАИД го промовира одговорното лидерство за градење одржлив развој“, велат од организацијата.
Јубилејот ќе биде одбележан во 8 градови во земјава, а слични настани веќе се организирани и во други градови. Завршната манифестација ќе биде во Скопје на 2 декември.
Влезот за прославата во Занаетчискиот дом во Куманово е слободен за сите посетители.