Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Населбата Долно Којнаре и улиците Никола Тесла и Јоско Илиевски се „црни точки“ во Куманово што се однесува до притисокот на вода во мрежата, информираат од ЈП „Водовод“.
Во другите делови на градот, освен при одредени дефекти или интервенции, нема пријави за недостаток на вода или слаб притисок во текот на топлотниот бран, кој трае речиси два месеци.
„Поради изградба на мрежа за водоснабдување, еден доводен крак е приклучен на новиот систем, кој пак за 40 oтсто ја намалува количината на испорачана вода во тој дел од градот. Од другите реони, без разлика дали се работи за ниска или вискоа зона нема поплаки од граѓаните“, истакна Бобан Петрушевиќ, од Одделение за одржување на водоводна мрежа и приклучоци на „Водовод“ Куманово.
Екипите на претпријатието се постојано на терен, интервенираат и во најтоплиот дел од денот и покрај препораките на владата за заштита на населението од топлотниот бран. Тоа го објаснуваат со спецификата на својата дејност, не можат да дозволат делови или улици од градот да останат без вода на жештините. Затоа интервенираат во најкраток можен рок по секоја пријава.
Филтер станицата на ЈП „Водовод“ Куманово испорачува зголемени количини на вода, моменталната дневна потрошувачка е 380 до 400 литри во секунда, но количината се зголемува во текот на попладневните часови. Нема поголеми отстапувања во потрошените количини од претходниот бран со високи температури или од минатите години.
Надлежните секогаш ги повторуваат апелите за рационално користење на водата- да не се користи за разладување на улиците, дополнување на базени и полевање на бавчи и дворови.
„Производството на вода за пиење е скап процес, работиме со ограничен ресурс, ние не можеме да создадеме ништо ако нема доволно врнежи. Затоа мора да се внимава на потрошувачката“, повторува Тони Јовчевски, раководител во кумановската филтер станица.
Во кумановските акумулации Липково и Глажња има доволни количини на вода и не се очекуваат никакви проблеми или недостаток до крајот на сезоната. Иако потрошувачката е зголемена, сепак водоснабдувањето е редовно и за потребите на градот, и за наводнување на земјоделските површини.
„Куманово ќе има доволно вода за пиење, а и земјоделците за наводнување на посевите. Сезоната ја започнавме со максимално полни брани, рационално се однесуваме кон количините и граѓаните немаат никаква причина за стравување“, истакна Оливер Илиевски, директор на Кумановско- липковско поле.
Наводнувањето на полињата се одвива реонски, по точно утврден, регулиран и контролиран распоред.