Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Домаќинствата кои се загреваат на цврсто гориво се најголем загадувач на амбиенталниот воздух во Општина Куманово.
Ова го покажале мерењата на Факултетот за природни и технички науки (ФПТН) и лабораторијата „Амбикон“ од Штипскиот универзитет „Гоце Делчев“, од март лани до крајот на април годинава.
„Во податоците за Куманово дефинирани се шест извори на загадување. Прво е согорувањето на биомаса со учество од 31 процент, кое се јавува само во грејната сезона. Втор најголем загадувач е сообраќајот со 25 посто, следуваат оган на отворено и отпад, согорување на мазут и нафта, а најмалку застапено е загадувањето со минерална прашина и секундарните аеросоли“, кажа професорката Афродита Зенделска, кој ги презентираше резултатите од мерењата и анализите.
Воздух со најлош квалитет кумановци дишат во декември и јануари, кога греењето на дрва продуцира 37 микрограми на м3 ПМ 2,5 честички, од максимално дозволената количина од 25 мг/м3
Најчист е воздухот од мај до август, но се издвојува јуни како месец кога квалитетот на воздухот во градот е во рамките или под дозволената граница. Секоја година во целиот период од септември до април има надминување на дозволените граници на 25 мг/м3 ПМ 2,5 честитчки.
Податоците беа презентирани на првата форумска сесија во рамките на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Амбасадата на Шведска и Општина Куманово. Целта на првата форумската сесија беше да се претстават резултатите од мониторингот на квалитетот на воздухот и главните извори на загадување на воздухот во Куманово, на граѓаните да се претстават креираните мерки за заштита на населението, но и да се слушнат нивните предлози. Акцискиот план и мерките ќе се креираат по индивидуални потреби, за секој град поединечно.
„Работиме по план за квалитет на амбиенталниот возух и сме една од првите општини со изреализирано ваков план со сопствен буџет и најмногу издвоени средства. Издвојуваме 10 милиони денари за двегодишен период 2024/2025 година, со кои се кофинансира проектот на УНДП и шведската амбасада. На овие форуми оставаме граѓаните сами да ги креираат мерките кои ќе бидат преземени понатаму“, истакна Александра Георгиевска Протиќ, од Одделението за животна средина.
Овој проект се спроведува во последните 18 месеци и се одвива во четири фази. За нивно спроведување Општина Куманово, од една страна и Амбасадата на Шведска и УНДП од друга страна обезбедуваат буџет од по 10 милиони денари, или вкупно 340 илјади долари.
Замислени се три сесии на граѓански форум, каде претставници на институции, установи, претпријатија, здруженија имаат можност да ги презентираат нивните идеи и мислења, и да предложат мерки со кои би се намалило аерозагадувањето во градот.
„Очекувам реално- остварливи предлози и она што ќе биде донесено како мерка ќе го реализираме во целост. Целта е да се поттикнат граѓаните на учество во непосредна демократија, сами да одлучуваат за суштински теми, а со тек на време и во осмислување и креирање на локалните буџети“, потенцираше градоначалникот Максим Димитриевски.
Аерозагадувањето е глобална тема, а во Куманово не е резултат само на граѓаните, туку и дејствувањето во рамките на регионот.
Долгорочна мерка која ја презема општината се гасификација и озеленување на градот. Освен предвиденото субвенционирање за гасоводен приклучок план е да се зголемат предвидените средствата за ЈП „Куманово гас“ за развој на секундарната гасификациска мрежа. Според најавите за следната година се планираат од 6 до 8 милиони денари за претпријатието, наспроти 5 милиони според програмата за тековната 2024 година.