Мени

Службеник осомничен за злоупотреби при приватизација на државно земјиште

17.04.2026 12:09 | KumanovoNews

Кумановската полиција поднесе кривична пријава против Р.А. (45) од Куманово, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“, „фалсификување или уништување деловни книги“ и „фалсификување исправа“.

 

Службеник осомничен за злоупотреби при приватизација на државно земјиште

„Пријавениот, како вработен во Министерството за финансии – Управа за имотно-правни работи, Подрачно одделение Куманово, овозможил донесување и спроведување решенија за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост на Д.Б. и Н.А.А., при што со своето постапување директно ја нарушил законитоста на управната постапка и овозможил стекнување државен имот без правен основ“, соопшти МВР.

Во предметите била утврдена недозволена промена на идентитетот на подносителите, односно решенијата биле издадени на лица различни од оние заведени во службените книги.

„Воедно, предметите не биле правилно евидентирани, содржеле контрадикторни податоци, а дел од документацијата не бил достапен, што создава сомнение за нејзино прикривање или уништување. Во решенијата биле наведени непостоечки записници, внесувани невистинити податоци, а не било известено ниту Државното правобранителство, иако тоа е задолжително. Со ваквото постапување е нарушена законитоста на управната постапка и овозможено е противправно стекнување државен имот“, се наведува во соопштението.