Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Синдикалната организација на СОУ „Перо Наков” - Куманово, во отворено писмо до јавноста ги објаснува причините за подржување на штрајкот и зошто ја донеле таквата одлука.
Писмото го пренесуваме во целост:
Почитувани родители, наставници, колеги и надлежни институции,
Обраќањево до Вас има за цел уште еднаш јавно да ги нагласи причините заради кои училиштето се приклучи на штрајкот на просветните работници уште од првиот ден и сѐ уште останува на истиот став и зад барањата на СОНК – враќање на дигнитетот на професијата, по сите основи.
Имено, систематското уривање на достоинството на наставниците, кои веќе предолго трпат последици од импровизациите во образованието, а кои требаше да бидат сериозни реформи со кои квалитетот навистина ќе си го најде местото во оваа важна општествена сфера, придонесе конечно наставниците да станат свесни дека опстанокот на квалитетот, кој треба да е императив во училниците е апсолутно загрозен и треба да се аларамира дека нештата на терен не чинат, и покрај усилбите на надлежните да се прикаже поинаква слика.
Она што е важно и сакаме да го нагласиме како одговорен колектив е фактот дека сме свесни за изгубените часови и за проблемите кои од тоа се продуцирани, но сепак, би сакале да апелираме до сите структури – родителите, учениците, колегите кои од свои причини не се со нас, како и надлежните кои во моментов немаат слух за сериозноста на проблемите со кои образованието се соочува, да се обидат да размислат и да дојдат до истиот заклучок како и ние: мора нешто сериозно да не е во ред, штом маса интелектуалци, бројни и покрај усилбите тој број да се прикажува поинаку, се решава своите права да ги бара на ваков начин.
Искривената слика за причините за нашето незадоволство, која се пласира низ дел од медимуите, внесува забуна кај јавноста и ја постига целта – осуда, наместо разбирање и поддршка. Што е тоа што не е во ред, а на кое како колектив сакаме да укажеме како на фактичка состојба? Во име на вистината, обраќањето до Вас укажува на нештата заради кои сме тука каде што сме:
1. Застанување зад колегите кои се казнети со 15% (околу 3000 денари месечно) од својата плата во траење од една година, заради отстапувањето на оценките на екстерното тестирање и оценката добиена од наставникот.
Екстерното тестирање, како реформа која требаше да ги заштити наставниците од притисоци за пишување на повисоки оценки тоа не го постигна – напротив, наставниците се ставени во ситуација да калкулираат за да се заштитат себеси и своето работно место. Екстерното проверување го руши неприкосновениот педагошки лик на наставникот кој го следи детето цела година и врз основа на тоа го вреднува со сложен воспитно-образовен инструментариум, кој во никој случај не е во сооднос со ситуациониот тест од 30 прашања. Екстерното проверување не е соодветна алатка за мерење на објективноста на оценувањето, туку алатка за застрашување, за етаблирање на раздорот како механизам за непречено влијание од надвор, полнење на буџетот и за создавање послушници, подготвени да молчат.
Затоа треба да се укине.
2. Застанување зад барањето за проверка на функционалноста, пред сѐ, а потоа и реалната педагошка потреба од електронскиот дневник, како систем кој заедно со останатите административни оптоварувања на наставникот, успева да го оддадечи од неговата основна работа со децата. Ваквите административни товари никако немаат за цел подигање на квалитетот на наставата, на кој толку се инсистира.
3. Застанување зад барањато за покачување на платата на просветните работници, која и покрај интензивните јавни посочувања дека во континуитет е зголемувана, не се сменила со години. Жален е фактот што во моментов ова барање се истакнува како основно од страна на сите структури кои инсистираат на омаловажување на базичните причини за незадоволството на просветните работници, затоа што тоа е едно од барањата, а не единственото и како на такво треба и да се гледа. Ако се земе предвид дека голем дел од платата на наставникот оди за потребите на професијата, која има сериозни здравствени проблеми во однос на логистиката која ја немаме како наставници, чесно е секој кој сака реално да гледа на нашите усилби да го одржиме професионалното ниво лишувајќи се од сопствените приходи, да го прифати тоа како факт кој заслужува почит, а не осуда.
Почитувани, можеби е крајно време да се запрашаме сите:
Како наставници, зошто одмолчуваме кога е екстерното тестрирање во фокусот, дека учениците ги имаат прашањата на увид цела година и дека и оваа година се работи за истите прашања како лани? Како можеме да прифатиме дека нашата судбина ќе зависи од вака и волку искривен вредносен систем преку кој свесно правиме ужасна грешка - ги учиме децата дека учењето смее да подразбере вакви алатки, а не континуитет од нивна страна, истовремено прифаќајќи да бидеме казнети за нешто што треба да го инсталираме како еклатантен модел за неправилност? Зошто дел од нас е подготвен да застане на другата страна и во името на што го прави тоа? Ова што се случува еден ден ќе помине и ќе треба како колеги и професионалци да се погледнеме во очи. Сте ја подготвиле ли својата совест на тоа?
Како родители, зошто одмолчувате дека знаете колку децата ви учат? Дека знаете дека се осудени да седат во студени училници? Да учат од небулозни учебници? Зошто и во името на што сте во состојба да застанете зад листот кој јавно го читате и да ги напаѓате оние кои водат сметка за вашите деца? Дека знаете дека ова што се случува не е реформа во образованието, туку одмолчено оружје кое непречено ги повредува вашите деца, бидејќи вие тоа го аминувате наоѓајќи ја вината кај наставниците, а не кај системот на кој му припаѓаат?
Како надлежни институции, зошто инсистирате на реформски зафати кои не даваат ефекти и се контрапродуктивни? Не ли ја гледате масата млади кои трпат последици од Вашите импровизации? Не ли го гледате фактот дека сме на нозе првенствено заради нив и во нивна одбрана? До кога мислите дека може да се издржи ефектот од Вашите воспитно-образовни грешки? Ние не би смееле да се викаме просветни работници ако тоа Ви го дозволиме.
Причини за незадоволство има премногу. Напластени се и сериозни, го загрозуваат образовниот систем и не му даваат да напредува. Во тоа име, колективот на СОУ „Перо Наков” како носител на општествена одговорност, останува во одбрана на професијата.
Со почит,
Синдикална организација при СОУ „Перо Наков” - Куманово