Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Со доделувањето на наградите, заврши изборот за најуспешна компанија во градот што го организираше Општината.
Општината Куманово, синоќа за првпат додели признанија на најуспешните компании во градот, по избор на граѓаните. За најдобра фирма во 2012 година е прогласена месната индустрија „Екстра Меин„, втора е компанијата „Мега„, а трет е „Евро Колеџ„. Плакети на сопствениците на фирмите врачи градоначалникот Зоран Дамјановски.
Сите кои сте вечерва тука го создавате економскиот развој на градот. Куманово пред 20 години беше индустриски најразвиен град, но транзицијата остави пустош зад себе. Токму вие кои се најдовте во стоте најдобри фирми во градот придонесовте состојбата да се поправи. Само 12 илјади вработени во град од 120 илјади жители е нешто за кое треба да се срамуваме. Затоа локалната самоуправа ќе направи иницијатива да се поправи таквата состојба, но без адекватна подршка на Владата тоа е невозможно. Сепак, јас ќе ја најавам новата економска зона во која е предвидено да се отворат нови 60 фирми. Ние ќе дадеме одредени поволности при продажбата на земјиштето и комуналните давачки, а ќе изградиме и инфраструктура се со цел да прилечеме што повеќе инвеститори и да го развиеме стопанството- изјави градоначалникот.
Во име на компанијата „Екстра Меин„ се заблагодари сопственикот Благоја Бајдевски.
Не е мала работа да се биде најдобра фирма во најголемата општина во државата. Тоа претставува голема чест, но од друга страна и голема обврска. Ова признание ни дава мотив да ја подобруваме нашата работа и да се пласираме на странските пазари. Моите колеги, стопанствениците знаат како е да се работи во економска криза.Тешко е, но не е невозможно. Потребно е да се вложи многу труд и пред се голема посветеност. Успехот што ние го постигнавме е заслуга на целата компанија- рече Бајдевски.
„Екстра меин„ е формирана 1994 година и наредната година слави 20 години постоење и успешна работа. Во месната индустрија успеја да се наметне и да стане лидер во државата во производство на полутрајни сувомеснати производи. Менаџментот на компанијата најавува проширување на производствените капацитети.
Успехот и резултатот на „Екста меин„ се должи на големата посветеност на сите 130 вработени, кои што максимално се ангажираат во извршување на своите работни задачи. Оваа награда ќе значи голем потик во работата и задоволување на потребите на нашите купувачи. Еден од начините да се одолжиме за укажаната доверба на граѓаните е и нашата промоција од 10 одсто попуст на целокупниот асортиман. Ние не застануваме тука, имаме нови идеи за нови проекти. Тоа е отворање на нови капацитети, по што ќе можеме нашите производи да ги пласираме и надвор од Македонија- изјави Стојанка Стојковиќ, генерален менаџер во „Екстра-Меин„.
Втората награда, според бројот на гласовите на граѓаните и припадна на компанијата „Мега„. Фирмата годинава слави 20 годишен јубилеј, а својата продажна мрежа на градежен матерјал, покрај во државата ја прошири и на Балканот. Досега изградиле 4 сопствени објекти и извозно се ориентирани, поради што се препознатливи на пазарот.
Ова е големо признание од градот, но и обврска да ја оправдаме довербата. Постојат доста успешни фирми, поради што наградата ни претставува голема чест и изненадување. Во нашата работа квалитетот секогаш е приоритет, па така ќе продолжиме и во наредниот период. Во компанијата работат 63 вработени, но се надевам дека наскоро ќе имаме повеќе вработувања и ќе дадеме свој придонес за поголем развој на градот- изјави Силвана Шиповиќ, финансов директор во „Мега„.
Единствената високо образовна институција во градот „Евро-колеџ„ уште еднаш докажа дека е во самиот врв на успешните. Подршката од граѓаните само докажува дека се бренд во високото образование во градот и пошироко. Деканот на факултетот Љубиша Петрушевски најави дека на 10 годишниот јубилеј на „Евро колеџ„, Куманово ќе го посетат еминентни професори и академици, кои ќе го потврдат нивното реноме.
Досега имаме добиено многу награди од странство, но ова е прва во нашиот град. Затоа намногу ми значи, бидејќи ние постоиме за нашите граѓани и многу ни е важно тие да ја ценат нашата работа. Посебно сме горди што признанието се совпаѓа со десет годишнината од постоењето на колеџот и што кумановци ни возвратија на најдобар можен начин. Наградата е многу значајна и на нашите студенти, бидејќи со тоа се потврдува дека се во институција која се докажува на сите полиња. Во изминатите години како единствена високо-образовна иституција, докажавме дека сме способни да ја носиме таа одговорна задача и да пружаме квалитено образование- изјави деканот Петрушевски.
На манифестацијата беше промовирана брошурата „Топ 101 компанија„ а нејзинот идеен творец и промотор беше Зоран Павловски, раководител во секторот за економски развој.
Изборот на фирмите што влегоа во брошурата се вршеше по неколку критериуми, меѓу кои најмалку 10 вработени, да се извозно ориентирани и да имаат изградено име во дејноста со која се занимаваат. Целта беше да се направи промоција на кумановските компании, а воедно брошурата да се користи за промоција на нашите стопански можности. Бидејќи оваа година интересот на граѓаните за избор на нај фирма беше голем, планираме манифестацијата да стане традиционална со некои новини - изјави Павловски.
На синоќешното доделување на наградите во ресторанот „Рим-Парис„, кумановската бизнис елита беше задоволна од целокупната организација на манифестацијата и побара да се организираат почесто вакви натпреварувања, кои ќе го потикнат квалитетот и развојот на стопанството во градот.