Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во касарната “Боро Менков“ денеска се одржа воена свеченост по повод Денот на Здружената оперативна команда.
На свеченоста присуствуваше министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, началникот на ГШ на АРМ генералпотполковник Методија Величковски, војници, старешини, гости и други. Пред присутните Кети Путинска од ЗОК даде историски осврт за чествувањето на овој ден. Таа рече дека одбележувањето на Денот на ЗОК е продолжение на традициите на 17 октомври 1878 година кога бил формиран штаб за Македонско-Кресненско востание.
“Македонското востание е изведено во особено тешки и сложени воено политички услови, во време непосредно по завршувањето на војната помеѓу двете империи Османлиската и Руската, по потпишувањето на Берлинскиот договор кој на Македонија не и донел слобода. Незадоволен и од Берлинскиот конгрес, кај македонскиот народ нараснал патриотизмот и борбениот дух“ - рече Путинска.
Пред присутните се обрати и бригадниот генерал Васко Ѓурчиновски, командант на ЗОК кој кажа дека по втор пат го одбележуваат овој ден, откако со одлука на претседателот на државата и врховен командант на вооружените сили започна чествување на 17 октомври како Ден на ЗОК.
“Утрешниот датум е денот кога во далечната 1878 година во селото Кресна е формиран штабот на македонското, попознато како Кресненско востание, ден кога воедно е кренато востанието. Чествувајќи го Денот на ЗОК, ние нејзините припадници не го криеме чувството на задоволство од се она што досега ова команда го има постигнато, кое воедно за сите нас претставува обврска и понатаму да останеме доследни во исполнувањето на зацртаните цели. Во досегашното постоење, оваа команда успеа да изврши сериозна трансформација почнувајќи како Армиски корпус, преку команда на копнена војска, до сегашната структура и назив“ - рече Ѓурчиновски.
Ѓурчиновски додаде дека благодарение на мотивираноста, посветеноста, ентузијазмот, ЗОК ужива висок углед во АРМ и понатаму ќе вложуваат напори за остварување на полноправно членство во ЕУ и НАТО. На свеченоста беа прочитани и стимулативни мерки за припадниците на единицата.