Мени

Храна со изминат рок, лоши хигиенски услови и недостиг на санитарни книшки, казнети 32 маркети во државата

18.01.2026 12:36 | KumanovoNews

Изминат рок на траење на храната, несоодветни хигиенски услови и недостиг на санитарни книшки се дел од неправилностите што инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги откриле при вонредните контроли спроведени во маркетите низ државата.

Храна со изминат рок, лоши хигиенски услови и недостиг на санитарни книшки, казнети 32 маркети во државата

За утврдените прекршувања, инспекторите изрекле вкупно 22 казни, во износ од околу 40.000 евра во денарска противвредност, на оператори со храна.

Како небезбедна, одземена и уништена е над 253 килограми храна, меѓу кои месо и преработки од месо, млечни, кондиторски и други видови производи.

Како што соопштуваат од АХВ, акцијата била спроведена во периодот од 13 до 16 јануари годинава, при што биле контролирани 188 оператори со храна од оваа категорија.

„Кај 14 маркети е затекната храна со изминат рок на траење, во шест е утврдено дека немаат имплементирано процедури за примена на правилата за добра производствена и добра хигиенска пракса. Кај 10 оператори се констатирани полесни прекршувања од областа на безбедноста на храната, како што се несоодветно одржувани разладни уреди и нејасни или нечитки декларации на производите, за што се изречени мерки – опомени, додека во два маркета било утврдено дека вработените немаат санитарни книшки“, информираат од АХВ.

(фото. архива)