Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Новогодишни украси, честитки и колачиња, кои беа рачно изработени од учениците, наставниците, родителите и останатите вработени во ООУ „11 Октомври“, денеска можеа да ги купат посетителите на новогодишниот базар кој се одржа во ТЦ Сума. Средствата ќе се искористат во хуманитарни цели.
„Учениците со нивните вешти раце изработија прекрасни украси и го збогатија хуманитарниот базар. Можете да се уверите какви прекрасни изработки создадовме, а благодарна сум и на сите посетители и на нашиот Дедо Мраз. Паричните средства ќе бидат наменети за лекување на ученик од нашето училиште, но многу поважна е пораката со која децата се учат да се благородни и меѓусебно да се помагаат“, кажа директорката Драгица Спасиќ.
Во организација на настанот учествувале сите вработени, a и одѕивот кај децата бил голем. Сите материјали употребени во изработките се обезбедени од самото училиште.
„Нашите ученици со нетрпение го очекуваа овој ден, неуморно и вредно работеа десетина дена. Направивме различни украси, рачно направени од гипс, од хартија, честитки и други прикладни новогодишни изработки.Подароците се продаваат по симболична цена, која не е фиксна, но пораката е дека е важно да бидеме хумани“, вели Дејана Алексовска, одделенски наставник во училиштето.
Да се биде хуман и несебичен, е една здрава навика со која може многу да се постигне. Вакви химанитарни акции се повеќе заживуваат во Куманово, се забележува и по штандовите на кои има се поголема посетеност и продажба, констатираше наставникот Александар Стефановски, кој ги израдува дечињата во улогата на Дедо Мраз.
Учениците од ООУ „11 Октомври“ од Куманово во текот на вчерашниот ден ги посетиле корисниците на услугите во Домот за стари лица во Куманово. Со нивните насмевки и музички точки исполниле дел од денот и предизвикал насмевки на лицата на корисниците. И елката во „Зафир Сајто“ добила дел од рачно изработените украси на учениците, а ги изненадиле и оние кои не можат да ја напуштат нивната соба со пригодни подароци.