Мени

За 500 денари поскапе престојот во градинка во Куманово

26.02.2026 09:48 | KumanovoNews

Советот на Општина Куманово даде поддршка на предлогот на Управниот одбор на детската градинка „Ангел Шајче“ цената за престој да се зголеми за 35 отсто. 

За 500 денари поскапе престојот во градинка во Куманово

Наместо досегашните 1.490 денари за целодневен престој на дете до шестгодишна возраст, родителите отсега ќе плаќаат 2.011 денари.

„Трендот на поскапување на трошоците за живот и зголемувањето на цените на речиси сите производи (енергетски, комунални, прехранбени производи, пијалаци и сл.) се дел од причините и факторите што најмногу влијаат врз зголемувањето на цената за престој во градинка“, се наведува во образложението на Управниот одбор.

Раководителот на Секторот за социјална заштита во Општина Куманово, Александар Крстевски, кој ја образложи одлуката пред советниците, истакна дека цената не е променета од 2004 година, иако Владата во 2022 година дала одобрение советите на општините да ги коригираат цените.

„Ова се прави со цел да се подобрат условите за престој во градинките, да се зголеми квалитетот на услугата и да се обезбеди одржливост во работењето. Ќе наведам само еден пример – минималната плата во 2004 година изнесуваше 5.000 денари, а во 2025 година 25.000 денари“, рече Крстевски.

Зголемување на цените ќе има и на услугите што градинката ги обезбедува за децата кои посетуваат дневен престој во училиштата. Така, цената од 599 денари за престој со ужина ќе се зголеми на 808,65 денари, додека досегашните 806 денари за престој со комбиниран оброк ќе изнесуваат 1.088 денари.

Предлогот за зголемување на цената на услугите беше прифатен со 23 гласа „за“ и шест „против“, без ниту една дискусија од страна на советниците.