Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Куманово возач на автомобил влечел контејнер по улица, загрозувајќи ја безбедноста на другите учесници во сообраќајот.
Настанот се случил во саботата околу 10 часот, на булеварот Трета македонска ударна бригада од таканаречената Школска амбуланта кон периферијата на градот.
Очевидци кажуваат дека кумановецот прво почнал да ги турка контејнерите и едниот го превртел на коловозот, а потоа другиот го врзал со јаже за куката на автомобилот и почнал да го влече по улицата. Силната бучава го привлекла вниманието на минувачите и возачите кои со неверување го гледале. Дел од нив направиле снимки кои ги споделија јавно. По петстотини метри, контејнерот се откачил од колата и останал на улица, но за среќа никој не се повредил.
Од ЈП „Чистота и зеленило“, велат дека се запознаени со случајот и пријавиле во полиција, бидејќи вакво нецивилизирано однесување кон урбаната опрема досега немале.
„Јас бев на лице место веднаш по настанот. Едниот контејнер беше превртен и ѓубрето разнесено на улица, а другиот го немаше. Кога ми ја пратија снимката, не ми се веруваше што гледам. Веднаш пративме екипа да ги собере контејнерите. Го пријавивме случајот во полиција, но немаме повратна информација дали насилникот е откриен. Но, ние ќе поднесеме и кривична пријава, ќе бараме да ја надомести штетата“, кажа директорот Даниел Стојчевски.
Од СВР Куманово велат дека кај нив вработена во ЈП „Чистота и зеленило“ пријавила дека на булеварот Трета македонска ударна бригада непознато лице со возило влече контејнер и дека тие преземаат мерки и работат на откривање на сторителот.
Директорот Стојчевски вели дека не ги знае мотивите зошто некој би влечел контејнер на улица, и што сакал со тоа да постигне, но кажува дека честа појава во градот е да се уништуваат садовите за смет и другата урбана опрема. Контејнерите најчесто се палат во зимскиот период, бидејќи во нив се фрла пепел и жар, а има и случаи кога хулигани ги превртуваат или ги кршат. Тој вели дека еден контејнер чини 500 евра, а месечно се оштетуваат околу 5-6 контејнери и имаат штета околу 3.000 евра.
Возењето на контејнерот по улицата предизвика револт кај жителите, кои бараат казна за сторителот за да не се повтори вандализмот.
Други, пак, на шега настанот го споредуваат со сцена од српската комедија Жикина династија, во која еден од главите ликови возеше контејнер по белградските улици, кој го закачи за колата додека се паркираше.
(Фото: Фејсбук)