Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Тестот за прва помош, кој е неопходен на кандидатите коишто полагаат возачки испит во иднина ќе се полага во Црвен крст. Со новите измени во законот за патишта, првата помош се враќа под надлежност на Црвен Крст, а не како досега во МВР.
„Обуката опфаќа начини на пружање на прва помош, за возачите да бидат подготвени во случај на некоја несакана незгода. Вкупно имаме 4 дена, првите два се теорија плус два денови пракса, а потоа следува тестирањето, каде имаме 15 прашања,“ објасни Никола Ѓорѓевска, дел од тимот на Црвен Крст – Куманово.
Од СВР Куманово посочија дека безбедноста во сообраќајот е многу важен сегмент од секојдневното живеење, затоа што на некој начин сите сме учесници во истиот.
„Заедно со активистите на општинска организација на Црвен Крст, укажуваме на последици од непочитување на сообраќајни правила и прописи, а тоа е укажување на прва помош во случај на сообраќајна незгода. Законски и човечно е укажување на помош, а треба да се едуцираат младите возачи на правилно работење со истата, бидејќи со немање знаење може да се направат поголеми последици. Поради тоа, во декември минатата година беа направени измените во закон за безбедност на патниот сообраќај, а започна да се практикува од 1-ви февруари,“ објасни Виолета Богдановска, од Отсек за превенција.
Единствено во Црвен Крст ќе се издаваат потврди од стручни лица и лекари кои ќе вршат контрола. Со ова, надлежните се надеваат дека ќе има поголем квалитет и правилно обучување.
(Д.Д.)