Мени

„Зафир Сајто“ 70 години втор дом за многу генерации

26.03.2026 20:40 | Сузана Николиќ

Домот за стари лица „Зафир Сајто“ денеска одбележува 70 години постоење и успешна работа.

„Зафир Сајто“ 70 години втор дом за многу генерации

Основан е на 26 март 1956 година од тогашното Народно собрание на Општина Куманово, како единствен регионален центар за грижа за повозрасните граѓани.

На денешната свеченост по повод големиот јубилеј, присутните гости и корисници ги поздрави директорот Дејан Стојановски, кој истакна дека установата со децении е втор дом и огниште за многу сограѓани, но и за жители од други градови во земјата.

„Низ годините капацитетите на установата се зголемувале и денес достигнаа максимален сместувачки капацитет од 175 легла, распоредени во 85 соби. Локацијата на домот е извонредна, со 3.300 метри квадратни внатрешна површина и исто толку надворешна корисна површина. Во последните 7–8 години вложени се 35 милиони денари сопствени средства за реконструкција на 35 соби. Изградена е нова кујна според сите стандарди, нова сала за физиотерапија и нова амбуланта. Комплетно е опремен фризерскиот салон, како и техничката опрема во домот и урбаната опрема во дворот. Времето е пред нас – треба да го чуваме и јакнеме домот, а истовремено да создаваме услови за проширување на капацитетите и унапредување на квалитетот на услугите“, истакна Стојановски.

Како еден од најголемите предизвици со кои се соочиле вработените во домот, тој ја посочи грижата за штитениците за време на корона-кризата.

На свеченоста се обрати и градоначалникот Максим Димитриевски, кој кажа дека домот е еден од најдобрите во државата благодарени на посветеноста и професионалната работа на вработените, но и на менаџерските тимови низ децениите.

Прославата беше збогатена со културно-уметничка програма.