Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Владата најавува дека од понеделник ќе воведе мерки за замрзнување на цените на одредени прехрамбени производи, кои ќе важат до 30 ноември со отворена можност за нивно продолжување и по овој датум.
Веќе е доставена предлог- одлука за забрана за акциска продажба и промотивна продажба од страна на сите трговски ланци во нашата држава,со важност во истиот временски рок. Министерот за економија Крешник Бектеши ги најави овие мерки, но во меѓувреме очекува и линеарно намалување на цените на сите прехрамбени производи од најмалку 10 насто.
„Сите завршни сметки, особено на големите синџири на супермаркети, покажуваат дека тие немаат намалување на нивните приходи, напротив има нивно зголемување претходната година која во делот на цените беше најтешка година имајќи ја предвид војната и случувањата со енергетската криза“, истакна Бектеши.
Во образложението за носењето на овие одлуки Бектеши рече дека има намалување на инфлацијата споредено со претходните месеци, а според анализите на Министерството за економија има уште поголем простор за да се намалат овие цени.
Статистичките податоци покажуваат дека од крајот на 2019 година цените на светско ниво се зголемени за 23,3 насто, а кај нас за 47 проценти.
„Убеден сум дека со ваквите одлуки дополнително ќе се намалат цените особено кај производите кај кои има енормно зголемување. Веќе нема да постојат џентлментски договори, туку ќе има конкретни и концизни одлуки кои мора да се почитуваат од сите што вршат трговија, а воедно и од производителите на основните прехранбени производи. Нема веќе да се преговара и овие ќе бидат конечни одлуки. Освен глоби уверен сум дека ќе има и затворање на одредени субјекти ако не ги почитуваат мерките“, е ставот на Бектеши.
Трговците нема да знаат со кој датум ќе бидат замрзнати цените и на тој начин не се дава можност претходно да ги поскапат производите. Замрзнатите цени ќе важат откако ќе бидат објавени во Службен весник.
Министерството за економија ќе достави толкување на Законот за потрошувачите до Државниот пазарен инспекторат и според Бектеши освен глоби ќе има и затворање и забрана за вршење дејност за супермаркетите и за трговците со прехранбени производи кои нема да ги почитуваат мерките.
Во текот на првите 6 месеци од годината се изречени санкции за трговците во висина од 300 илјади евра по основа на непочитување на одлуката за замрзнување на цените.
Одлуката за забрана за акциска и промотивна продажба на граѓаните се носи за да се избегне можноста одредени синџири на супермаркети да прават измама со акциска продажба и намалување на цените или со одредени кампањи.