Започна чистењето на депониите околу Којнарка (видео)
ЈП „Чистота и зеленило“ започна со чистење на дивите депонии по течението на реката Којнарка.
Утринава се отстрануваше сметот, паднатите дрвја, грмушките и автомобилските гуми од запуштениот простор покрај мостот на Којнарка, на влезот во населбата Средорек.
„Сликата што ја гледаме денес е, благо речено, ужасна. Апелирам до сите граѓани да се воздржат од фрлање смет во реката и во речното корито, со цел да ја заштитиме животната средина. Ние работиме интензивно, а ќе поставиме и заштитна ограда од двете страни на реката“, изјави директорот на ЈП „Чистота и зеленило“, Сашо Томиќ, кој со своите први соработници беше на терен.

Најголем дел од отпадот го сочинуваат автомобилски гуми, поради што беше најавено дека ќе биде поднесена пријава до инспекциските служби за санкционирање на ваквата појава.
Во населбата Средорек во текот на неделата ќе бидат поставени два големи контејнери за одлагање кабаст отпад, со цел тој да не завршува во реката.
Директорот најави дека во наредниот период ќе биде исчистена и депонијата на влезот во населбата „Перо Чичо“.