Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Пчелари од повеќе градови денеска ги изложија производите на мед, прополис, матичен млеч, полен и восок на Градскиот плоштад.
Манифестацијата ја отвори градоначалникот Зоран Дамјановски, кој го пофали Здружението “Пчела“, дека е едно од најактивните во градот и со својата работа работа помага во економскиот развој и афирмација на Општината во производство на високо квалитетен мед.
Оваа манифестација ќе ја поддржуваме и во иднина се со цел да го подобриме економскиот развој и да направиме благодет, подем и развој на Куманово и на Североисточен плански регион. Оваа година поради сушата, претпоставувам, не беше многу успешна, но ви посакувам догодина да имате повеќе резултати. Тоа не зависи само од вас туку и од многу фактори, а пред се од атмосферските прилики. Се надевам идната година ќе биде породна и ви посакувам уште многу успешни саеми - изјави Дамјановски.
Производителите на мед се жалат дека долгиот период на високи температури им го намалил производството.
Лазо Деспотовски е пчелар кој десетина години одгледува пчели и досега бил на повеќе изложби на мед.
Јас имам пчеларник во село Градиште. Располагам со 65 сандаци моментално. Таа бројка може да се покачи и намали. Годините се доста лоши, суша голема и се мачиме доста. Оваа година добро испадна, добив по 20 килограми мед од сандак - вели Деспотовски.
Кумановските пчелари годинава користеле искуство на српски колеги како да ги заштитат пчелите од сушата. Претседателот на Здружението на пчелари “Пчела“, Бранко Тасевски потсетува дека тоа дало одредени резултати, но основата за добро пчеларство е пчелите секогаш мора да имаат доволно храна и да се заштитат од штетници.
Саемот е наша најсериозна работа која мора да ја обавиме во годината, а истата претставува круна на сите активности наши. Се појавуваме пред граѓанството, да понудиме пчелни производи кои се извонредна храна, лековита - рече Тасевски.
На 13 - от саемот учествуваат десетина производители на мед. Саемот се затвора во сабота попладне.