Мени

Застарена механизација, долгови и депонии – главни проблеми на комуналните претпријатија во земјата

24.06.2026 19:45 | Сузана Николиќ

Претставници на јавните комунални претпријатија од Североисточниот и Скопскиот регион денеска одржаа работен состанок во Куманово, на кој разговараа за состојбите и предизвиците со кои секојдневно се соочуваат во своето работење. 

Застарена механизација, долгови и депонии – главни проблеми на комуналните претпријатија во земјата

Како најголеми проблеми беа посочени цените на комуналните услуги, минималната плата, застарената механизација, амортизираниот возен парк, долговите, како и нерешените прашања поврзани со депониите.

„Тука сме 15 директори на јавни претпријатија. Се договоривме да побараме помош од Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), од општините и од Владата, бидејќи заедничкиот заклучок на сите присутни е дека јавните претпријатија се наоѓаат во незавидна финансиска состојба. Сите имаме стари долгови, меѓу кои и обврски за ДДВ кон Управата за јавни приходи (УЈП), кои мора да ги отплаќаме. Голем проблем ни се и депониите, кои не се стандардни, туку ѓубришта, кои ни го отежнуваат работењето и ни создаваат дополнителни обврски во текот на летото.  Разговаравме за сите проблеми што нѐ засегаат и се обидуваме да најдеме решенија. Но, тоа не можеме да го направиме сами доколку не добиеме институционална поддршка“, изјави директорот на ЈП „Чистота и зеленило“, Сашo Томиќ, кој беше домаќин на средбата.

Состанокот беше организиран од Асоцијацијата на јавните комунални претпријатија на Македонија (АТКОМ), а на него присуствуваа и нивни претставници, кои најавија дека врз основа на донесените заклучоци ќе иницираат конкретни активности и ќе бараат институционални решенија за надминување на проблемите со кои се соочуваат јавните комунални претпријатија.