Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Од 30 до 40 отсто е зголемен е бројот на повици во Итната медицинска помош во Куманово во последните две недели. Најчесто се бара помош поради колабирање на јавно место, но и поради здравствени проблеми на хронично болните, како последица на високите температури.
„Добиваме многу повици, интересно е што и на помлади, здрави лица им се случува несвестица, вртоглавица, малаксаност, но скоро секогаш се потврдува дека излегуваат од премногу разладени простории надвор, без да си дадат време да се прилагодат на температурната разлика. За среќа, еластичните кардиоваскуларни садови не оставаат место за посериозни состојби или подолготрајни нарушувања на нормалното функционирање“, објаснуваат од Итната медицинска помош од Куманово.
Препорака е пред излегување од климатизирана просторија или автомобил да си дадат 15 до 30 минутен период, да би можел организмот да се адаптира на надворешната температура.
Лекарите велат дека во опасност се лицата кои своите работни задачи ги извршуваат надвор, носејќи задолжителна ХТЗ опрема. Материјалот на униформите е поцврст, непрозрачен и непријатен за високи температури. И покрај препораките на владата за прекин на работните обврски за време на најжешкиот период од денот, полицајците, пожарникарите, оперативните екипи за остранување дефекти на комуналните претпријатија мораат да реагираат по потреба.
Тие велат дека најчесто се пријавуваат случаи на топлотен удар или топлотна исцрпеност, сончаница, дехидрација. Дел од нив можат да се превенираат- во надворешни услови задолжително е граѓаните да имаат шише со вода и доколку забележат светкање пред очите, блага главоболка, вртоглавица да се напијат и малку да ја натопат главата, да застанат и одморат во сенка, пожелно е да има проток на воздух, ветровито место. Голем дел од симптомите ќе исчезнат за кратко време, но секако дека лицата што поскоро треба да се вратат во затворен простор. Ако имаат можност да прилегнат со благо подигнати нозе, во затемнета и оладена просторија, и повторно – да се напијат вода.
Кај постарите и хронично болните важат општите препораки за заштита од високите температури, да не се излегува во периодот од 10 до 18 часот, да се носи лесна и светла облека од природни материјали, задолжително покривање на главата и вратот, да се прилагоди терапијата за хронични болести на актуелните услови, да се пијат доста течности, да се козумира полесна храна.
„Проблем кај постарите е што имаат намалено чувство за жед, па оние кои се грижат за нив задолжително да ги потсетуваат да пијат повеќе вода. Редовно мерење на крвниот притисок два пати дневно, особено пред земање на терпијата, поради високите температури се шират крвните садови и притисокот паѓа. За се што им е нејасно најдобро е да се консултираат со матичните лекари или интернист“, појаснуваат лекарите.
Сепак генерална оценка е дека се поголем број на граѓани добро се запознаени со она што треба или не треба да го прават, што да преземат ако им се случи непријатност, а кога да повикаат медицинска помош. Се чини дека е зголемена и дисциплинираноста во почитување на препораките на лекарите и здравствените работници.
(Фото. архива)